НАЈМИСТЕРИОЗНИОТ УМ НА СИТЕ ВРЕМИЊА Агата Кристи е жената која има смислено повеќе од 70 „убиства“
Агата е творец на 70 детективски романи, има издадено неколку љубовни романи и една книга за деца, а е творец и на еден од најпознатите книжевни ликови, детективот Херкул Поаро, кој се има појавено преку 100 пати во нејзините дела.
Кога се говори за најдобрата писателка на мисериозни романи на сите времиња, се мисли на Агата Кристи. Таа е родена на денешен ден, на 15 септември 1890 година, а починала на 12 јануари 1976. Позната е и по името Агата Мери Клариса Милер, или според псевдонимот Мери Вестмакот, име кое било тајна речиси две децении.
Агата е творец на 70 детективски романи, има издадено неколку љубовни романи и една книга за деца, а е творец и на еден од најпознатите книжевни ликови, детективот Херкул Поаро, кој се има појавено преку 100 пати во нејзините дела.
Постојат интересни и не толку познати факти за Агата, за кои се пишува и се говори долго време наназад. Една од приказните за нејзиниот живот е мигот на нејзиното исчезнување, кое довело до дискусии и размислувања, што точно се случило, иако до денес не се знае вистинската причина и замисла на нејзиното заминување од домот.
По смртта на нејзината мајка и непосакуваната вест која ја добила од нејзиниот сопруг, полковникот Арчибалд Кристи, дека тој е вљубен во друга жена, таа одеднаш исчезнува. На 8 декември 1926 година, по расправија меѓу нив двајца, тој заминува кај неговата љубовница, а Агата истата вечер заминува од домот. Оставајќи ги ќерката, бурмата и напуштениот автомобил, остава и писмо во кое ја известува нејзината секретарка дека е во Јоркшир.
По 11 дневна потрага, таа е пронајдена во хотелот „Стар лебед“ во Јоркшир, каде се пријавила под името на љубовницата на нејзиниот сопруг, Тереза Нил од Кејптаун. Агата никогаш го нема образложено нејзиното исчезнување, но двајца доктори заклучиле дека таа се соочува со психогена фуга. Сепак, мислењата за нејзиното 11-дневно, мистериозно исчезнување, останале поделени и не се дознала вистинската причина.
Едно од мислењата е дека таа доживеала нервен слом, предизвикан од нејзината склоност на депресија, друго дека нејзината цел била само да привлече внимание кај јавноста, а трето, пак, дека целта била да ја натера полицијата да помисли дека нејзиниот сопруг ја убил.
Авторот Џаред Кејд испрашал многу сведоци и роднини за неговата биографија „Агата Кристи и единаесетте исчезнати дена“ и принел значителен број на докази коишто укажуваат на тоа дека Агата го имала испланирано целото исчезнување за да го посрамоти нејзиниот сопруг, без воопшто да размисли дека ќе се претвори во таква мелодрама.
Од многуте детективски романи кои таа ги има напишано, ние ќе го издвоиме „Убиствата во Ориент Експрес“, за кратка, таканаречена рецензија.
Приказната го следи добро познатиот лик на Агата, Херкул Поаро, умен, логичен, белгиски приватен детектив, со интересни, засукани мустаќи. Поставеноста на дејствијата во романот се поврзани со 1930-ти години, па затоа некои изрази и фрази се постаромодни, а се среќаваат и доста француски изрази, кои ги користи Поаро и затоа можеби ќе ви е потребен и речник на француски, за откривање на зборовите.
Книгата почнува така што Поаро се наоѓа во хотел во Турција, по успешно искористени детективски способности, односно, по завршување на случајот за кој бил отиден таму. Вечерта, во текот на неговиот оброк, забележува американски турист кој му остава впечаток како некој кој има животински очи и зрачел со злоба. Следниот ден, тие се среќаваат во „Ориент Експрес“ и истиот тој човек бара од Поаро да му помогне, односно да го преземе неговиот случај и да му го спаси животот, бидејќи му бил во опасност. Сепак, Поаро одбива и покрај тоа што човекот, по име Ратчет, му нуди голема сума пари. Кога Ратчет прашува зошто го одбива, Поаро вели дека тоа е затоа што, едноставно, не му се допаѓа како тој изгледа.
Во текот на ноќта, Поаро слуша чудни звуци, а следното утро открива дека Ратчет е убиен во неговата кабина и е прободен 12 пати со нож. Шефот на железничката компанија бара од Поаро да започне истрага и да се дознае што точно се случило минатата ноќ во Ориент Експрес. Приказната продолжува со тоа што Поаро зема изјави од сите присутни во возот и треба да открие кои изјави се вистинити, а кои лажни, бидејќи убиецот дефинитивно е меѓу нив, само треба да се открие кој е.
До самиот крај, романот нема да ве остави рамнодушни, бидејќи вештата писателка, со вистинските зборови ќе ве води низ приказната и ќе ви прикаже колку е умен нејзиниот фиктивен детектив. Сè до крајот нема да знаете каде води приказната, за конечно кога ќе пристигне пресвртот, да имате уште поголем восхит према мудриот и мистериозен ум на Агата Кристи.
По дејствата на овој роман е снимен и филм во 2017 година, со истото име, под режисерска палка на Кенет Брана и сценарио на Мајкл Грин. Доколку сте од оние кои повеќе сакаат да гледаат добри мистериозни, детективски филмови, отколку да читаат книги, право време е да го пуштите филмот.