НА МАСА Е ВИЗНОТО ОЛЕСНУВАЊЕ ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО САД Муцунски ќе разговара за стратешкиот дијалог, трговскиот договор со САД и соработката во НАТО

Во рамките на дијалогот ќе отвориме повеќе теми, меѓу кои и визното олеснување - не ветуваме дека тоа ќе се случи веднаш, но веќе е ставено на маса во разговорите со администрацијата во Вашингтон, вели министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

1,324

Визното олеснување за Македонците за влез во Соединетите Американски Држави е една од темите на кои ќе разговара министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски за време на неговиот престој во САД.

Во интервју за Сител од Њујорк тој вчера говореше за билатералните односи со САД, втората сесија од стратешкиот дијалог и за интензивната политичка агенда во рамки на 80. Генерално собрание на Обединетите Нации.






Осврнувајќи се на стратешкиот дијалог со САД, министерот Муцунски посочи дека тој подразбира низа конкретни мерки насочени кон унапредување на односите меѓу двете земји.

– На средбата во мај со државниот секретар Марко Рубио дефиниравме заеднички приоритети поврзани со билатералните и со мултилатералните релации, како и со засилената трговска и економска динамика. Чекор по чекор гледаме како тие приоритети се реализираат. Во рамките на дијалогот ќе отвориме повеќе теми, меѓу кои и визното олеснување – не ветуваме дека тоа ќе се случи веднаш, но веќе е ставено на маса во разговорите со администрацијата во Вашингтон – рече Муцунски.

Тој се осврна и на сојузништвото со САД во НАТО и тековните преговори за нов трговски аранжман.

– Со нашите партнери во Алијансата споделуваме заеднички грижи за европските и за глобалните предизвици и секогаш е важно кога на високо ниво координираме ставови и разменуваме мислења. Во делот на тарифите, сме во завршна фаза на подготовка на ново решение, кое ќе донесе пониски давачки – како општи, така и специјални за одредени производи што ги извезуваме во САД. Веќе имаме драфт-текст, преговорите се одвиваат успешно и очекувам наскоро конечна верзија која ќе ѝ биде презентирана на јавноста – додаде министерот.

Муцунски ја истакна и важноста на бројните средби со светски лидери, посочувајќи дека тие се можност најдобро да се афирмираат принципиелните позиции на Владата по сите суштински и стратешки прашања. Тој информираше и за динамичната агенда во рамки на Генералното собрание на ОН, со акцент на билатералните контакти за унапредување на политичките и економските односи, како и на поставувањето нови приоритети од регионален и глобален интерес.

– Ќе продолжиме на мултилатерално поле да ги користиме сите можности што ги има државата, бидејќи дипломатијата не треба да остане апстрактна – таа мора да носи конкретни придобивки за граѓаните – рече министерот Муцунски.

Поврзани содржини