НАЈМАЛКУ 94 ЗАГИНАТИ И 279 ИСЧЕЗНАТИ Сѐ уште тлее огнот кој ги проголта висококатниците во Хонг Конг
Полицијата уапси тројца од „Престиж констракшн“, осомничени за небрежно реновирање што му овозможило на пожарот да се прошири со разорна брзина.
Најмалку 94 лица загинаа во катастрофалниот пожар што го зафати станбениот комплекс „Ванг Фук Корт“, а надлежните најавуваат дека операцијата за пребарување и спасување се ближи кон крај. Пожарот, кој избувна пред два дена, проголта дел од огромниот комплекс, а уште 279 жители се водат како исчезнати.
Огнот се проширил неверојатно брзо низ осумте висококатници во кои имало околу 2.000 станови и живееле повеќе од 4.600 луѓе. Комплексот бил во фаза на реновирање, а скелињата изработени од бамбус – материјал што традиционално се користи во градежништвото, дополнително ја поттикнале брзината на ширење на пламените јазици.
Полицијата веќе уапсила двајца директори и инженерски консултант од компанијата „Престиж констракшн“, која една година работела на обновата на комплексот. Се сомничи дека фирмата користела небезбедни материјали, меѓу кои и стиропор, што може да ја објасни драматичната експанзија на огнот.
– Имаме причина да веруваме дека одговорните компании биле крајно небрежни, што доведе до несреќата и му овозможи на пожарот неконтролирано да се шири – изјави началничката на полицијата, Ајлин Чунг.
Спасувачките екипи продолжуваат да пребаруваат низ остатоците од објектите, додека семејствата на исчезнатите со неверување ги чекаат последните информации.