„НА КАМЕРАТА ВО ЧАИР СЕ ГЛЕДА ЛИЦЕ СО СЕДА КОСА И СО БРАДИЧКА, ЛИЧИ НА ПАЛЧО“ Вработен во Безбеден град сведочи дека Палевски го возел „реното кангу“
На камерата во Чаир може да се препознаат лица или силуета на лица. На камерата се гледа дека лицето има брадичка. Се гледа и без зум дека тој што вози има брадичка и седа коса, а другото лице е облечено во џемпер, но на совозачот не му се гледа лицето – рече сведокот.
Вработен во Сејф сити (Безбеден град) денеска сведочеше како на камерите пребарувале за двете возила кои биле употребени при убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Тој тврди дека камерата во Чаир го снимила добро возачот на „рено кангу“, дека се гледа лик со седа коса и со брадичка.
Во Сејф сити добиле информација за запалено возило во Бразда и насоки од полицијата да побараат каде се движело тоа возило на 27 ноември 2023 година. Имале информација и за исчезнато девојче. Пребарувале снимки сѐ до моментот кога исчезнатото лице од Велес не било поврзано со исчезнувањето на Вања Ѓорчевска.
– На 27 ноември 2023 година добивме дојава дека возило „рено канго“ било забележано со „цитроенот“ и пребарувавме по камери во околина. На Качанички Пат не работела камерата, го баравме околу Бутел, на тие камери, но ни се изгуби кај „Веро“ во Чаир. Потоа го пребарувавме „цитроенот“. Го гледавме на 24 ноември 2023 година како се појавува од Маџари Триангла и оди на местото каде што живее девојчето. После тоа си оди. Потоа, на 27 ноември го видовме како оди од Бутел кон местото каде живее девојчето, а потоа кон Партизанска, Рузвелтова, Орце Николов, излегува кај Машински факултет, оди по 8 Септември и кон „Александар палас“, каде ни се изгуби кон Јадранска магистрала. На таа раскрсница има градежни работи и камерите не работеа. Претпоставувавме дека девојчето е во возилото – рече сведокот.
Тој додаде дека „реното канго“ на 27 ноември го нашле во Бутел, ама „реното“ не дошло пред зградата, туку отишло кон „Александар Палас“. „Цитроенот“ бил виден на три камери.
– Камерите што го снимиле „цитроенот“ се малку постари и не се со добар квалитет. „Реното канго“ во 9.40 часот после палењето на „цитроенот“ е снимено кај општина Бутел и кај „Веро“ во Чаир. На таа камера се појавуваат две силуети, возач и совозач. Личеше на осомничениот, не сум сигурен. На другите камери не се забележуваа силуети на лица во луѓето – рече сведокот.
– Кога сфативте дека двете возила се поврзани? – праша обвинителката.
– Дали беше рано наутро на 28 ноември, не знам. Истрагата ја водеа од насилен криминал, ние постапувавме по информации од началниците Музафер и Дејан Димовски. Целата истрага ја водеше началникот Дејан, ние дававме асистенција и некои сугестии од нашата работа. Сите снимки им ги доставивме на надлежните. „Реното канго“ го најдовме пред Железничка станица, кај седиштето на Десна, каде отишле на 27 ноември по настанот – рече сведокот.
Тој објасни дека снимките од Безбеден град се даваат на барање на обвинител, полиција или по исклучок, итни случаи како убиство, грабнување, несреќи, сообраќајни несреќи.
– Јас не знам за случај снимка од Безбеден град да излезе кај физичко лице – додаде тој.
Сведокот тврдеше дека возилото на 24.11.2023 е водено кај зградата на Вања во 6.38 часот. Претходно било видено кај Триангла, се исклучило кај Бит-пазар и отишло кон местото на грабнувањето на Вања.
Адвокатот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ, го праша сведокот дали пребарувале возила за деновите пред 24 ноември 2023 година.
– Двете возила ги поврзаа од снимка каде „цитроенот“ е снимен заедно со „рено канго“, се фокусиравме на „кангото“, а потоа и на „цитроенот“. Кога колегите го врзаа „цитроенот“ со настанот, ние го баравме, но тој се јави само неколку пати во Скопје, на 24, 25 и на 27 ноември 2023 година. За претходно не сме го пребарувале, оти не се појавило тоа возило во Скопје – рече сведокот и додаде дека од денот на исчезнувањето на Вања, околу 9 часот добиле насоки од Насилен криминал да гледаат кафулиња на Рузвелтова, па кај „Зегин“ во Центар,
– Од кој ден двете возила се предмет на пребарување од утрото на 27 ноември 2023 година? – праша Туфегџиќ.
– Не. На 27 ноември во текот на денот, вечерта, откако колегите ги поврзале двете возила, почнавме да ги бараме двете возила – рече сведокот.
Тој не можеше да каже точно дали возилата биле поврзани истиот ден на грабнувањето на Вања.
Сведокот објасни дека има камери на кои може да се види и лице и дека ако тој податок се бара од нив ќе им се помогне на службите со физиономија на лице.
– На камерата во Чаир може да се препознаат лица или силуета на лица. На камерата се гледа дека лицето има брадичка. Се гледа и без зум дека тој што вози има брадичка и седа коса, а другото лице е облечено во џемпер, но на совозачот не му се гледа лицето – рече сведокот.
Овој материјал е предаден во Обвинителството.
Тој појасни дека вечерта на 27 ноември 2023 година му се јавил началникот од Велес и му побарал снимки за велешко возило кое било запалено во Скопје.
– Пребаравме по регистрацијата и се појави цитроенот на 22.11, 24.11 и 27.11.2023 година. Во тој момент немаше индиции за девојчето. На 24.11.2023 во утринските часови излегува од Триангла, Маџари, се спушта од Благоја Стефковски преку надвозникот кон булеварот Александар Македонски и оди кон Центар. На 25.11.2023 пак го видовме во Маџари, вечерно време, врнеше дожд. Трето појавување беше на 27.11 околу 6.50 наутро кај „Александар палас“. Во почетокот, само ги лоциравме и им јавуваме каде се видени. Кога колегите го поврзаа „цитроенот“ со настанот почнавме да го пребаруваме и движењето на „цитроенот“. На 27.11.2023 година во 6.30 возилото го најдовме кај НЛБ Банка во Чаир, потоа пред зградата на исчезнатото девојче. Две-три минути назад се појавува и „канго“ во Чаир, ама не и пред зградата. „Канго“ излегува на Илинденска и се движи кон Качанички Пат, а „цитроенот“ излегува на Партизанска, па по Рузвелтова и по Орце Николов и Машински факултет и се појавува кај „Александар палас“. Кај хотелот „Александар палас“ „рено канго“ е напред, „цитроенот“ е позади. Во „рено канго“ се појави лице профил со седа коса и брадичка. Личи на Љупчо Палевски Палчо. Тоа е мое мислење – рече сведокот.
Адвокатот на Палевски најави приговор за сведочењето на овој сведок со образложение дека дал променет исказ, различен од оној што го дал во Обвинителството.
– Сведокот не ја зборува вистината, сака да наметне работи. Различно одговараше на прашањата на обвинителот и на судијата. Беше најавен како експерт, а излезе дека не познава основни работи. Ова е лажно сведочење – рече адокатот на Палевски.
Следното рочиште е закажано за 16 декември, а следни сведоци се Гоце Трајковски, Елвис Ибрахим и Тодорче Георгиевски. На 20 декември ќе се изведуваат материјални докази.