НА ИЗНЕНАДУВАЊЕ НА ИЗРАЕЛ, РАКАТА НА ТРАМП СТЕГА ПОЦВРСТО ОД ОНАА НА БАЈДЕН Ќе функционира ли примирјето во Газа?

Сè уште е можно која било страна да се откаже од договорот. Ова е една од причините зошто Хамас ги држи преостанатите 98 заложници. Тие се човечки капитал за преговарање. Откако сите ќе бидат вратени во нивните семејства, Хамас нема многу причини да верува дека Израел нема да се врати на бојното поле за да ги уништи припадниците на Хамас. Во исто време, Хамас има поттик да продолжи да се бори со оглед на тоа колкава штета му нанесе војната во Газа на меѓународниот имиџ на Израел.

2,164

Страните во конфликтот во Газа, Израел и Хамас, се договорија за прекин на огнот во траење од 42 дена со посредство на Катар, Египет и на САД, а договорот ќе стапи на сила на 19 јануари. Израелската влада во четвртокот ќе гласа за договорот за прекин на огнот во Газа. Но, се поставува прашањето што значи ова примирје, дали истото ќе доведе до стабилизација на веќе разорениот Близок Исток или, пак, тоа е едно одложување на конфликтот кој нема да запре во скоро време, со цел да се провери теренот во САД по инаугурацијата на новоизбраниот претседател, Доналд Трамп.






Сепак, договорот за прекин на огнот и за враќање на заложниците и на затворениците не мора да стави крај на војната, се вели во анализа на веб-страницата на Советот за надворешни односи на САД.

Договорот може да се расипе, која било страна може да ги прекрши правилата

Важно е да се има на ум дека кога Хамас ги започна своите напади врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, парамилитарната група започна и тотална војна која вклучуваше широки меѓународни напори за делегитимирање на државата Израел, според анализата на веб-страницата на Советот за надворешни односи на САД. Дури и ако прекинот на огнот ги прекине непријателствата во Газа, како што наводно предвидува нацрт-договорот, Хамас, поврзаните групи и другите меѓународни актери како иранскиот режим ќе ја продолжат војната со други средства, се додава во анализата.

Дополнително, трифазниот договор за прекин на огнот најверојатно ќе биде ранлив на енергично противење од двете страни. Само првата фаза е 6 недели, а дури на 16-от ден од таа фаза ќе почнат преговорите за условите на втората фаза. Оваа продолжена временска рамка им дава можности на израелските и на палестинските противници на договорот да го поткопаат истиот во критичните моменти на спроведување.

Ова беше моделот во текот на 1990-те, се вели во анализата, во кој беше прикажан мировниот договор од Осло меѓу Израелците и Палестинците. Не е тешко да се замисли слична динамика во текот на овој прекин на огнот. За време на процесот во Осло, секогаш кога се забележуваше напредок кон мирот, противниците на компромисот сееја раздор преку политика и насилство, оштетувајќи го легитимитетот на разговорите до тој степен што тие пропаднаа, се дискутира во анализата. Во сегашниот момент, главни расипувачи би можеле да бидат израелските доселеници кои не сакаат ништо помалку од уништување на Хамас и отселување на палестинското население на Газа, како и палестинските екстремисти кои веруваат дека победуваат, се наведува во анализата на Советот за надворешни односи на САД.

Конечно, сè уште е можно која било страна да се откаже од договорот. Ова е една од причините зошто Хамас ги држи преостанатите 98 заложници. Тие се човечки капитал за преговарање. Откако сите ќе бидат вратени во нивните семејства, Хамас нема многу причини да верува дека Израел нема да се врати на бојното поле за да ги уништи припадниците на Хамас. Во исто време, Хамас има поттик да продолжи да се бори со оглед на тоа колкава штета му нанесе војната во Газа на меѓународниот имиџ на Израел.

Трамп може да биде посуров од Бајден

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп предупреди дека ќе има последици доколку заложниците не бидат ослободени додека тој се врати во Овалната соба на 20 јануари. Не беше јасно на што мисли.

САД најверојатно ќе останат посветени израелската безбедност преку продажба на оружје и преку споделување разузнавачки информации. Останува нејасно дали американско-израелската соработка ќе се прошири на можен удар врз иранските нуклеарни постројки. За време на неговиот прв мандат, Трамп само еднаш реши да употреби воена сила против Иран кога нареди убиство на командантот на силите Кудс, Касем Сулејмани. Се чинеше дека неговата кампања за максимален притисок има за цел да го принуди иранското раководство на преговори за ревидиран или за поширок нуклеарен договор. Регионот многу се промени од првиот мандат на Трамп. Иранците се послаби, но, како резултат на тоа, тие се веројатно помотивирани да ја вооружат својата нуклеарна програма. Ова ќе ги охрабри или американско-израелските напори да се спречи овој исход или ќе поттикне нови преговори. Можна е која било опција.

Сепак, според одредени анализи, пратеникот на Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стивен Виткоф, придонесе повеќе за прекинот на огнот во Газа во еден разговор одошто администрацијата на Џозеф Бајден во заминување за повеќе од една година.

Во петокот вечерта Виткоф се јавил во кабинетот на израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, од Катар каде што преговарал со другата страна и рекол дека следниот ден доаѓа во Израел, се наведува во анализата на израелскиот опозициски весник „Хаарец“.

Наводно, помошниците на Нетанјаху му рекле дека тоа е среде Шабат, но тој грубо одговорил дека не го интересира. По средбата во кабинетот на премиерот на Израел, пратеникот на Трамп се вратил во Катар, со цел да го „завери договорот“.

Помошникот на Трамп направил повеќе за да ја смени позицијата на Нетанјаху на еден состанок одошто Бајден целата мината година, се вели и во објавата на провладиниот Тајмс оф Израел, во која се цитираат двајца неименувани „арапски функционери“.

Изворите додаваат дека Виткоф го убедил Нетанјаху да ги прифати клучните точки без кои не е можен договор, така што 2 дена подоцна преговарачките тимови на двете страни ги известиле посредниците дека ги прифаќаат условите.

Едно од клучните прашања, што допрва треба да се реши, ги вклучува точните параметри на повлекувањето на израелската армија од Појасот Газа, а посредниците сѐ уште чекаат мапа од Израел што ќе го покаже тоа, изјавија арапските власти.

Еден од арапските официјални лица, кои учествуваат во преговорот, рече дека договорот за размена на заложници има 3 фази и во голема мера е ист како предлогот што Израел го предложи минатиот мај.

– Договор можеше да биде постигнат многу порано, но двете страни предизвикаа прекин на преговорите во различни прилики – изјавил анонимен извор за Тајмс оф Израел.

Официјалниот претставник ги отфрли повторените американски тврдења дека Хамас е единствената пречка за прекин на огнот, тврдејќи дека Израел, исто така, ги спречил преговорите во изминатите неколку месеци. Исто така, се вели дека Нетанјаху се откажал предлогот за решение во фази што го одобри во мај, обидувајќи се наместо тоа да ѝ даде приоритет на првата фаза од таа понуда, за да може Израел веднаш потоа да продолжи со борбите во Газа.

Нема дипломатија, само бизнис

Весникот „Хаарец“ пишува дека владата во Ерусалим „веќе гледа дека правилата се сменети“, иако Трамп ја презема функцијата само за една недела. Посочуваат и дека администрацијата на Бајден го оставила Виткоф да ги води преговорите, со оправдување дека потпишаните обврски ќе треба да ги исполни идната влада.

Инаку, Виткоф е инвеститор во недвижнини, близок до Трамп и воопшто не е дипломат.

– Тој не зборува како дипломат, не го интересираат дипломатските манири и дипломатските протоколи. Тој е бизнисмен кој сака брзо да постигне договор и брза напред со необична агресивност – изјави за „Хаарец“ анонимен висок израелски дипломат.

Во статијата се наведува и дека Нетанјаху бил принуден од Виткоф да прифати план кој претходно неколкупати го отфрлал. Хамас не се поколеба од својот став дека слободата на заложниците мора да биде условена со ослободување на палестинските затвореници, што беше полесниот дел, и дека е потребно целосно повлекување на Израел од Газа, што е најтешкиот дел. Нетанјаху го отфрли овој услов и така се роди делумниот договор предложен од Египет.

На почетокот се зборуваше за ограничен хуманитарен договор, како што пишува „Хаарец“, и полека се додаваа сè повеќе услови, додека тој не прерасна во многу поголем предлог со јасни контури: ослободување на заложниците, нови регионални аранжмани и целосно повлекување.

„Хаарец“ ги напаѓа и медиумите блиски до владејачката партија, нарекувајќи го „пропагандна машина“ која сега ќе го турка наративот дека за сè е виновен Трамп и дека тој не се однесува како што тие очекувале. Како пример, тие ја наведуваат дискусијата на телевизијата Канал 14 меѓу новинарот Јотам Зимри и поранешниот член на Кнесетот Жинон Магал.

– Изненаден сум што сите високи функционери во американската администрација го зборуваат истото – рекол Зимри.

Магал му одговорил на Зими со потсетување на изјавата на Трамп дека „ќе го ослободи пеколот“ во Газа доколку не се постигне договор.

– Значи, сите негови луѓе лажеа – тоа е големо разочарување – одговорил Зимри на тоа.

Тој зборува за пеколот, рекол Магал, и во меѓувреме го испраќа својот пратеник да го потпише договорот.

– Тоа е договор чиешто влијание ќе биде многу тешко. Тоа е вистината – додал Магал.

Поранешниот пратеник потоа отворено рекол дека нивната „последна надеж“ е Хамас да го отфрли договорот, а потоа цитирал религиозен текст.

– Мораме повторно да му се молиме на Бога да го стврдне срцето на фараонот – рекол Магал, алудирајќи на митот за Мојсеј и на ропството на Евреите во древниот Египет.

Смотрич и Бен-Гвир не се по белото знаме

Израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич, во средата инсистираше на тоа дека војната во Појасот Газа мора да продолжи, но не кажа дали ќе го поддржи или ќе се спротивстави на новиот договор за прекин на огнот и за размена на заложници.

Нетанјаху, наводно, му вршел притисок на Смотрич да се спротивстави на повиците на сојузникот и екстремно десничарски министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, да се повлече од Владата доколку биде одобрен договорот за заложниците, објави Тајмс оф Израел.

По неколку консултации еден ден претходно, вклучително и состаноци со Нетанјаху и со неговите помошници, Смотрич, кој ја предводи Верската ционистичка партија, објави видео изјава на социјалните мрежи.

– Се наоѓаме во клучен и судбоносен момент за безбедноста, иднината и за постоењето на државата Израел – изјави тој.

Дали Израел ќе остане во Газа?

На израелската влада од крајот на 2023 година ѝ беше јасно дека ќе ја задржи севкупната безбедност над Појасот Газа во иднина. Израел ја сака слободата на дејствување што ја ужива на Западниот Брег за да го одржи притисокот врз Хамас во Газа и за да ја спречи групата да има какви било шанси да организира напад како оној на 7 октомври, најсмртоносниот во израелската историја.

Хамас за време на претходните рунди преговори побара од израелските одбранбени сили (ИДФ) целосно да го напуштат Појасот Газа како дел од каков било прекин на огнот. Групата го омекна тоа барање откако Израелците го убија Јахја Синвар, водачот на Хамас во Појасот Газа, во октомври 2024 година. Договорот укажува дека Израел целосно ќе се повлече од Појасот Газа.

Би било неочекувано доколку израелската влада се согласи да се повлече од оваа област, се наведува во анализата на Советот за надворешни односи на САД.

Израелските власти во последните 15 месеци од војната тврдеа дека проблемот во Газа помеѓу 2005 и 2023 година е отсуството на израелските безбедносни служби и нивната неспособност да спроведуваат редовни контратерористички операции.

Што остана од силите и од раководството на Хамас во Газа?

Хамас покажа силен отпор и покрај тоа што Израел уби голем број негови борци и водачи (се проценува на 17.000), како и многу други ранети или заробени. По 15 месеци борби, Хамас сè уште може да лансира ракети во Израел, а секојдневно има извештаи дека израелски војници се убиени во Газа, бројка која сега изнесува повеќе од 800. Групата не е толку добро организирана или обучена како на почетокот на војната, но Хамас сè уште може да регрутира борци со брзина што ја надминува способноста на Израел да ги убива. Ризикот за Израел да се заглави во герилски конфликт без јасен излез е очигледен, се вели во анализата на веб-страницата на Советот за надворешни односи на САД.

Спротивно на очекувањата дека контролата на Хамас врз Газа ќе се намали по смртта на Синвар, групата останува одговорна во Газа. Еден опиплив знак за ова е способноста на Хамас да ги надополни своите редови со ветување помош и медицинска нега за семејствата на новите регрути.

Според Министерството за здравство во Газа, од почетокот на конфликтот на 7 октомври минатата година, во оваа енклава се убиени 46.700 Палестинци, додека, пак, повеќе од 110.000 се ранети. Според проценката на медицинското списание Лансет, бројот на загинати е веројатно за 40% поголем од официјалниот, а загинало 2,9% од населението.

Подготвил: Хари Кацановски

 

 

 

Поврзани содржини