🎥 НАЈГЛАМУРОЗНИТЕ МОДНИ ИЗДАНИЈА НА ВЕНЕЦИЈАНСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ Џорџ и Амал Клуни блеснаа на црвениот тепих
На Лидо синоќа (02.09) свечено започна 83. Филмски фестивал во Венеција, а покрај филмот „Ink“ на Дени Бојл, вниманието го привлекоа и гламурозните изданија на гостите
Централниот настан беше светската премиера на „Ink“ на Дени Бојл, филм во кој главните улоги ги толкуваат Гај Пирс и Џек О’Конел. Филмот е адаптација на драмата на Џејмс Греам и ја раскажува приказната за подемот на Руперт Мардок во британскиот медиумски свет и неговото преземање на „The Sun“ во 1969 година.
Големо внимание привлече и Џорџ Клуни, кој на свеченото отворање ја прими наградата „Златен лав“ за животно дело. Американскиот актер, режисер и продуцент беше една од главните ѕвезди на првата фестивалска вечер, а при примањето на признанието зборуваше и за моќта на филмот и раскажувањето приказни.
На црвениот тепих, пак, модата повторно беше приказна сама за себе. Освен италијанската манекенка Бјанка Балти која се појави во впечатлив розов фустан со огромни крилја на грбот, особено внимание привлече и Клер Фој, една од ѕвездите на „Ink“, која на премиерата се појави во елегантна вечерна креација. Покрај неа, фотографите ги следеа и Меги Џиленхол, претседателка на главното фестивалско жири, како и манекенката Алесандра Амброзио. Модните осврти од првата вечер веќе издвојуваат неколку различни трендови – од класичен холивудски гламур до храбри и драматични креации.
Меги Џиленхол годинава е на чело на главното меѓународно жири, а на отворањето фестивалот го претставија италијанските актери Грета Скарано и Николас Мопас. Тие ќе ја водат и завршната церемонија на 12 септември, кога ќе бидат доделени официјалните награди.
Се очекува и во следните десетина дена – покрај натпреварувачката програма и очекуваните филмски премиери, Венеција повторно да биде голема светска модна сцена. Годинава, во главната конкуренција за „Златниот лав“ се натпреваруваат 21 филм.