НА ЕВРОПА Ѝ СЕ ЛОШИ ОД БЕНЗИН, АМА ЗАТОА НИЕ СЕ „ИНХАЛИРАМЕ“ ПОД АУСПУХ Како ли Македонија ќе се ослободи од старите возила и ќе премине на електрични?

Пред една недела Европскиот парламент даде зелено светло за забраната за продажба на нови бензински и дизел-автомобили што испуштаат јаглерод до 2035 година, со цел тие да се тргнат од патиштата на континентот до средината на векот кога главно ќе се возат автомобили на електричен погон.

838

Додека во ЕУ со години наназад се размислува како да се спречи производство и пласман на возила кои испуштаат штетен јаглероден диоксид, а компаниите и граѓаните се субвенционираат за премин на возила на чисти горива, кај нас секоја година расте увозот на половни возила кои главно доаѓаат од Европа и се во дизел варијанта.

Само лани, според царинската статистика, од вкупно увезени 35.458 возила, дури 25.513 се половни возила. Податоците на државната статистика кои се однесуваат на 2021 година покажуваат дека од вкупно 477.820 регистрирани автомобили, само 128 се електрични.






Европскиот парламент минатата недела даде зелено светло за забраната за продажба на нови бензински и дизел-автомобили што испуштаат јаглерод од 2035 година, со цел тие да се тргнат од патиштата на континентот до средината на векот кога главно ќе се возат автомобили на електричен погон.

Ако се има предвид трендот на пораст на увоз на половни автомобили до 2035 година, со износот на ланскиот увоз, во земјава ќе завршат уште најмалку 306.156 европски половни возила најмногу на дизел погон. Што ќе се прави во 2035 година кај нас со овие возила не се знае, но факт е дека земјава ќе има проблем да се ослободи од нив до 2050 година со оглед дека е на европската агенда.

Експерти и познавачи на состојбите велат дека државата треба да се подготвува за она што ја очекува во иднина, да воведе субвенции, ниски даноци, царини за увоз на електрични автомобили, но и да изгради соодветна електрична инфраструктура која ќе го следи растот на купени возила на електричен погон.

Професорот Ристо Цицонков вели дека земјава треба да оди во чекор со европските планови за намалување на возилата кои загадуваат, а не да доцни и да продолжи да увезува половни возила.

– За да се постигне европскиот критериум до 2035 година, државата треба исто како и ЕУ да ја најави замената на бензинските и дизел моторите со електрични кај автомобилите, што значи да ги информира граѓаните за чекорите што ќе ги прави во иднина. Прво што треба да направи е да создаде услови за купување електрични автомобили преку ниски даноци и царини и можеби субвенции со кои ќе се стимулираат граѓаните. Вториот аспект е да ја подготви електричната инфраструктура-мрежата и производството на струја за она што нѐ очекува во иднина, бидејќи покрај електричните автомобили иднината и на греењето со топлински пумпи е на електрична енергија. Сето тоа треба да се направи со време за да немаме проблеми подоцна. Дополнително во следните години треба да се ослободува од старите автомобили кои го загадуваат воздухот. Сето тоа треба да биде почната од сега за да може да се стигне во наведените европски рокови – вели Цицонков.

Тој смета дека и во следниот период најбрзо ќе реагираат импортерите на автомобили со преориентација кон оние со електричен погон.

Дека проблемот ќе станува поголем со увозот на стари автомобили кои не ги исполнуваат и еуро стандардите потврдува и Билјана Муратовска од „Макам-транс“ кој смета дека земјава веќе не треба да увезува возила со стандард под еуро 6.

– Земјава сигурно планира да се усогласи со европската агенда, но час поскоро треба да почне да се ослободува од возилата со ниски еуро стандарди и да се фокусира само на еуро 6 стандардот за да може навреме да почне да се ослободува од возилата на бензин и дизел и да премине на електрични возила. Во меѓувреме ќе треба да изгради соодветна пропратна инфраструктура на патиштата, односно станици за полнење на батериите на електричен погон и секако да определи како ќе се уништуваат исто така штетните литиумски батерии кои ги користат електричните возила – вели Муратовска.

Несомнено е, додава таа, дека транспортерите ќе бидат изложени на нови вложувања во возила за да можат да возат стоки во странство.

– Но реалноста е таа и тие мора да се усогласуваат на новите услови кои ќе важат во земјите од ЕУ. Сепак мислам дека и Европа сѐ уште е далеку од изградена инфраструктура која ќе ја следи замената на бензиснките и дизел возилата со електрични – вели таа.

Владата моментално заборави на ветената забрана за увоз на возила со понизок од ЕУРО 5 стандарди на емисија на издувни гасови која требаше да се донесе во 2021 година, но нема најави и дека тоа ќе се случи годинава.

Иако прашавме во Владата и во Министерството за економија кога ќе се забрани увозот на половни автомобили од кои се ослободува Европската Унија и кога ќе почне примената на европската регулатива која се однесува на бензиските и дизел возилата, не добивме одговор.

Од Министерството за економија минатата година изјавија дека во услови на енергетска криза не се размислува на измена на правилниците, со кои ќе се изврши забрана за увоз на возила со ниво на емисија на издувни гасови со под ЕУРО 5 стандардот и дека немаат информации дали би можела да се донесе ваквата одлука во текот на оваа година.

За разлика од нас, во европските земји веќе се воведени повисоки такси за возила со висока емисија на штетни материи, се воведуваат и субвенции за возила со ниска или нулта емисија за истите тие материи. Дел од земјите ги ослободија од патарина електричните возила, некои воведоа и бесплатна регистрација и повеќе видови повластици, па и нивните граѓани многу полесно се вклучуваат во планот за ослободување од возилата кои загадуваат.

Кај нас од сето тоа се најави само изградба на фабрика за производство на електрични автомобили, без да се изгради соодветна инфраструктура за нив на патиштата. Во практика само расте увозот на дизелаши.

Лани вкупно се увезени 35.458 возила. Од нив нови патнички автомобили се увезени 8.790, половни 23.381.

Слична е состојбата и кај товарните возила кај кои нови се 1.131 возила, додека 1.898 се половни. Кај автобусите и минибусите кои се увезени лани нови се 24, а стари 234 возила. И почетокот на годинава имаме иста состојба. Во јануари годинава се увезени 2.542 возила од нив половни автомобили се 1.756, а нови 576. Во земјава има вкупно регистрирани 559.418 возила од кои најголемиот дел се со просечна старост од 19,3 години. Повеќе од половината (57 отсто) се дизел, а само 0,03 отсто се електрични.

Поврзани содржини