НА ДЕНОТ НА ПОГРЕБОТ НА КАМБЕР СОБРАНИЕТО ОДЛУЧИ 700 ЛИЦА ДА ДОБИЈАТ ИДЕНТИТЕТ Секое дете ќе се впише во матичната книга на родени

229

Собранието ги усвои измените на Законот за матична евиденција со што ќе се овозможи 700 лица да добијат правен идентитет, пристап до основните права и достоинствен живот.

„Со 83 гласа ‘за’ и ниту еден против, пратениците од власта и опозицијата гласаа за измените кои конечно ќе донесат правна видливост за 700 наши сограѓани кои водеа децениска битка со системот да добијат правен идентитет, пристап до основните права и достоинствен живот. 11 години застапувавме за да се донесат измените во овој закон. Пресреќни сме што нашите предлози се прифатија и што како правници видовме дека промените се можни со сериозно вложување и труд“, наведоа во соопштение од Македонското здружение на млади правници.






Агенцијата за бегалци на Обединетите нации УНХЦР го поздрави вчерашното усвојување на измените на Законот за матична евиденција од Собранието. Во соопштение до медиумите оттаму наведоа дека измените овозможуваат решавање на сите познати случаи на бездржавјанство, како и секое дете родено во земјава да добие извод при раѓање, без разлика дали неговите родители се без документи или без државјанство.

„Секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија има право на упис во матичната книга на родени веднаш, а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето на детето, независно од државјанството и личниот статус на неговите родители“, се наведува во членот 4-а од членовите на Законот за матична евиденција.

„Ова праќа јасна порака за целта на измените. Ова водство за пример покажано од Собранието на Република Северна Македонија е најновиот чекор во низата мерки кои властите ги преземаат за да го спречат и решат бездржавјанството, вклучувајќи ја и таа со која Министерството за внатрешни работи им додели државјанство на 290 лица без државјанство“, посочи УНХЦР.

Претставничката на УНХЦР, Моника Сандри, изјави дека Агенцијата за бегалци на Обединетите нации ќе ги поддржува институциите да ги спроведуваат законските одредби и тесно да соработуваат со разни чинители за да се спречат нови случаи на бездржавјанство.

„Донесувањето на измените на Законот за матична евиденција е важен чекор кон остварувањето на меѓународните обврски на државата. Овој напор на целото општество го трасира патот на државата да стане прва држава во Европа и втора во светот која ќе го искорени бездржавјанството. Се надеваме дека ќе сведочиме слично заедништво и солидарност на Глобалниот форум за бегалци што ќе се одржи во декември. Законските измени беа можни благодарение на заедничките напори од државните власти, граѓанското општество, медиумите, ОБСЕ, Делегацијата на ЕУ, Советот на Европа, агенциите на ОН и други кои работат заедно како дел од глобалната кампања #ЈасПрипаѓам за да се стави крај на бездржавјанството до 2024 година“, се додава во соопштението на УНХЦР.

Како што пишувавме деновиве, момчето Мемет Камбер поради немање лични документи немаше пристап до лекување и почина. Камбер вчера беше погребан по неколку дена од смртта.

МЕМЕТ КАМБЕР ПОЧИНА, НО УШТЕ НЕ ПОЧИВА ВО МИР! Немањето документи му прави проблем на детето-фантом и по смртта

 

 

Поврзани содржини