НА БОГАТИТЕ ЗЕМЈИ НЕ ИМ ОДГОВАРА Зошто не се усвои „договорот за пандемијата“?
Со измена на меѓународните прописи, измените на „Договорот за пандемијата“ предвидуваа охрабрување на земјите да ги зајакнат своите капацитети за алармирање, откривање и сузбивање на пандемијата, како и да соработуваат на меѓународно ниво.
Експертите велат дека многу вируси, како птичјиот грип, еболата и Марбуршката треска, но и корона вирусите можат да бидат извор на идни пандемии. Темата повторно беше актуелна откако земјите-членки на Светската здравствена организација не успеаја да се договорат за заедничка меѓународна политика, објави српски Еуроњус.
Со измена на меѓународните прописи, измените на „Договорот за пандемијата“ предвидуваа охрабрување на земјите да ги зајакнат своите капацитети за алармирање, откривање и сузбивање на пандемијата, како и да соработуваат на меѓународно ниво.
Сепак, договорот не беше потпишан, што ја поттикна експертската јавност да предупреди на неизбежноста од нова пандемија.
Епидемиологот Зоран Радовановиќ се согласува дека е само прашање на време кога ќе се појави нов патоген и вели дека постои шанса новата пандемија да биде поблага, но „многу веројатна и многу попогубна“ од претходните.
Коментирајќи ја одлуката да не се потпише договорот, Радовановиќ посочува дека тоа е „голема грешка“, наведувајќи дека документот се подготвувал повеќе од 2 години и дека следното потпишување е одложено за мај следната година.
– Има различни спротивставени интереси, но тоа трае повеќе од 70 години, уште од првата ваква конвенција во 1851 година во Париз – објаснува Радовановиќ.
Тој додава дека е потребно да се најде рамнотежа меѓу слободното движење на луѓе и на стоки, а од друга страна, да не настане „многу поголема штета“ поради неусвојување рестриктивни мерки, за да не се шири дополнително болеста.
„Богатите земји го закочија договорот“
Епидемиологот објаснува дека има 194 членки на Светската здравствена организација, но дека меѓународната здравствена регулатива од 2005 година, донесена 2 години подоцна, не е доволна во борбата против пандемијата.
– Тоа го покажа епидемијата на Ковид-19, се зборува за таканаречениот вакцински национализам, но себичноста е поврзана и со други аспекти, со трансфер на технологија и со финансиска помош, бидејќи таква болест не познава граници, тоа е баналното нешто што го кажуваат, но е длабока вистина. Aко ги занемарувате потребите на другите, тогаш тој бран ќе ви се врати во многу поголема мера – појаснува Радовановиќ.
Тој истакнува и дека „богатите земји“ за време на пандемијата со Ковид-19 нарачале трипати повеќе вакцини одошто имаат жители, а потоа не останало ништо за „сиромашните земји“.
– Идејата беше да се донесе нов документ, но главно западните земји се спротивставија. Затоа, на почетокот на 2020 година, генералниот директор на СЗО постојано одеше во Кина за да се договори со нив. Сега, идејата беше без разлика дали некоја земја сака да признае дека има таков проблем на своја територија, СЗО да има право да ги предупреди другите земји дека има инфекција на одредена територија – вели Радовановиќ, нагласувајќи дека на меѓународно ниво треба да постои спротивставување на таквата опасност доколку заканата е меѓународна.
„СЗО не дава наредби“
Тој посочува дека „СЗО не може да дава наредби“ на други, но дека идејата била земјите-членки да се посветат на поголема соработка бидејќи документот се однесувал и на финансиски аранжмани.
– Ова имплицира дека на сиромашните земји треба да им се даде можност да го имаат овој епидемиолошки надзор за да знаат што се случува на нивната територија бидејќи се покажа дека еболата или Марбуш треската тлее со месеци, па се појавуваат сѐ повеќе пациенти, но никој не пријавува – вели епидемиологот.
Тој додава дека станува збор за области каде што нема здравствени работници и дека е неопходно да се воспостави мрежа за да се открие „невообичаена ситуација“ што побргу.
Опасноста од вирусот Х5Н1
Радовановиќ вели дека во моментов внимателно се следи вирусот Х5Н1, варијанта на птичјиот грип кој „понекогаш ги разболува луѓето“, наведувајќи дека во вакви случаи веднаш се интервенира со „елиминирање на целото јато“.
– Обично дивите птици заразуваат патки, гуски, лебеди, а потоа вирусот се шири на живината, па треба да се уништи целото јато. Тоа се милионски штети, одеднаш се уништуваат стотици илјади или многу милиони живина бидејќи заразата ќе продолжи да се шири – објаснува епидемиологот.
Досега, вели тој, се покажало дека Х5Н1 може да се пренесе на луѓе, но преносот од човек на човек е исклучително редок.
– Најблискиот член на семејството може да се зарази и толку. Но, она што сега го гледаме, ова е малку поинаков вирус, тоа е некој H5N2 и е првиот регистриран случај на човек кој се разболел и веднаш починал. Мора да се признае, тој имал и некои други болести, но тоа донекаде е индикативно и загрижувачко. Се претпоставува дека вирусот веќе циркулира и дека има заразени лица во Мексико – заклучува епидемиологот Зоран Радовановиќ.