🎥 НА 8 МАЈ ПРВО ТРИУМФ НА КОАЛИЦИЈАТА СО НАРОДОТ, А ПОТОА РАЗГОВОРИ ЗА ВЛАДИНА КОАЛИЦИЈА Мицкоски повикува на национално обединување и посакува договор со Вреди
Во поткастот на Плусинфо, Мицкоски вели дека нема притисоци од странскиот фактор врз ВМРО-ДПМНЕ за тоа со кого мора да коалицира победникот на изборите и додава дека ако еднаш правилото „победник со победник“ било прекршено, како во 2016 година, независно какви биле интересите тогаш, тоа правило повеќе не важи.
ВМРО-ДПМНЕ очекува голема победа во вториот круг на претседателските избори и на парламентарните избори в среда на 8 мај.
Лидерот Христијан Мицкоски, во интервју за поткастот на Плусинфо, прецизираше дека очекува неговата партија да освои над 55 пратенички мандати, а претседателската Гордана Силјановска Давкова да победи со освоени повеќе од 500.000 гласови.
Освен за изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и за зголемувањето на коалицискиот капацитет на партијата, во разговорот со уредникот Бранко Героски, лидерот Мицкоски ги анализира и причините за неуспехот на СДСМ.
– СДСМ уште на изборите во 2020 година беше зрел за пораз, но во услови на корона бевме сведоци на епска злоупотреба на државни пари и ресурси. Потоа СДСМ се доведе во позиција на целосна потчинетост кон ДУИ и кон Али Ахмети. Во Македонија се појави едно чувство на апартхејд – луѓето почувствуваа дека има малкумина коишто се привилегирани и се граѓани од прв ред и има едно огромно мнозинство граѓани од втор ред.
ВМРО-ДПМНЕ за свој албански партнер во идната влада ја посакува коалицијата Вреди, но во кабинетот ќе има место и за претставници на другите етнички заедници, изјави Христијан Мицкоски. Во врска со уцените од ДУИ, кои сега сакаат по секоја цена да влезат во новата влада, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели:
– Тие команданти, кои немаа пет пари во џебот во 2001 година, сега се милионери. Со хациенди како на блискоисточни шеици. И многу тешко, во овие услови, би го жртвувале сето тоа. Но, дека ќе се обидат да прават било какви немири, дека ќе се обидат да го заштитат она што го имаат … Како што рече Али Ахмети во една прилика на локалните избори 2021 – воен плен. Така тој се изрази за Кичево и за Дебар, рече – воен плен. Воениот плен сега е „Соравија“, ролс-ројсот на сватовите, становите и дуќаните во центарот на градот, тупаниците што ги делат нивните разбојници по институциите како Контролата на летање … Тоа ќе се обидат да го заштитат. Ние, како идна влада, ќе се потрудиме да ги заштитиме системот, државата и институциите. Ние сме подготвени на тоа, имаме план како да одговориме.
Мицкоски вели дека нема притисоци од странскиот фактор врз ВМРО-ДПМНЕ за тоа со кого мора да коалицира победникот на изборите и додава дека ако еднаш правилото „победник со победник“ било прекршено, како во 2016 година, независно какви биле интересите тогаш, тоа правило повеќе не важи.
За периодот после победата, Мицкоски вели дека нема да има реваншизам, но најавува одговорност за сите оние кои направиле криминал.
– Јас и на митинзите јавно зборувам одмазда не ми паѓа на памет да има, имаме многу работа пред нас, тоа е државата да си ја трансформираме, да го испорачаме тоа што го ветуваме и за коешто се обврзуваме. Но, морам истовремено да кажам и дека онаму каде што има индиции основани сомневања за сторен криминал за злоупотреби, сето тоа ќе биде истражено и доколку се обезбедат докази, тие докази ќе бидат изведени пред судовите во Македонија – нагласи Мицкоски.
Погледнете го целото интервју со Христијан Мицкоски: