МВР поведе постапка за полицаецот кој не реагираше на пријавата за семејно насилство што заврши со убиство во Гоститвар
Хелсиншкиот комитет смета дека МВР треба системски да се зафати со несоодветното постапување по пријавите на родово базираното насилство и семејното насилство, пракса која значително ја намалува довербата на жртвите во надлежните институции.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР ја прифати како основана претставката на Хелсиншкиот комитет за човекови права, во врска со непостапувањето на полициски службеник од ПС Гостивар по пријава за семејно насилство, кое заврши со фемицид во септември годинава.
Како што соопшти Хелсиншкиот комитет, внатрешната контрола на МВР утврдила дека наводите во претставка се основани, откако биле извршени непосредни и објективни проверки, биле собрани потребни известувања и бил извршен увид во целокупната документација.
„Поради тоа што полицискиот службеник од ПС Гостивар сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина, Одделот поднел иницијатива до СВР Тетово за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност. Исто така Одделот за внатрешна контрола поднел и известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција“, информираат од Хелсиншкиот комитет.
Во одговорот од МВР посочуваат дека откако синот дознал за семејното физичко насилство врз мајка му сторено од неговиот татко, истата вечер во 21.30 го пријавил случајот кај полицискиот службеник на влезот во дежурната служба.
„Полицискиот службеник му побарал телефонски број на синот, му дал насока да биде во близина на куќата на неговите родители и да чека телефонски повик од него. Сето ова поради тоа што сите служби на ПС од ОН Гостивар биле ангажирани за претрес во с.Здуње.Вечерта синот разговарал телефонски со полицискиот службеник, кој поради тоа што било многу доцна му сугерирал следниот ден заедно со мајка му да го пријават таткото за семејното насилство. Утрото околу 6 часот, синот дознал дека таткото ја убил мајката со секира и веднаш го пријавил случајот во ПС од ОН Гостивар“ стои во одговорот на МВР.
Од Хелсиншкиот комитет велат дека се задоволни што МВР брзо реагирала за постапувањето на полициските службеници во овој случај, но сметаат дека министерството треба системски да се зафати со несоодветното постапување по пријавите на родово базираното насилство и семејното насилство, пракса која значително ја намалува довербата на жртвите во надлежните институции.