МВР ГО ДЕМАНТИРА ВМРО-ДПМНЕ Со затворската полиција управува Министерството за правда, Спасовски не назначува таму командири
Од МВР велат дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ниту можел ниту има било каква врска со именувањето командири во затворот Идризово, затоа што буквално нема никаква надлежност за тоа.
Со затворската полиција управува Министрството за правда, а не Министерството за внатрешни работи како што тврди ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение, реагираше МВР.
„ Станува збор или за свесно лажење или за комплетна неписменост и недоветност, затоа што и полуписмен човек знае дека МВР нема врска со затворската полиција, туку таа е во рамки на Министерството за правда односно Управата за извршување санкции. Оттаму министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ниту можел ниту има било каква врска со именувањето командири во затворот Идризово, затоа што буквално нема никаква надлежност за тоа. Бараме ВМРО-ДПМНЕ да се извини и да ги повлече ваквите неверојатни лаги кои ги пласираат во јавноста“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ, денеска соопшти дека министерот Оливер Спасовски е одговорен за случајот со бегството на затвореник бидејќи го назначил и унапредил командирот на затворот кој бил на смена кога затвореникот избега.