МУЗИЧКО-ПОЕТСКА ДРУЖБА СО БРАЌАТА БАРБАРОВСКИ Специјална гостинка е пејачката Блага Петреска

0

Библиотеката „Гоце Делчев“ од Гевгелија денеска организира музичко-поетска дружба со браќата Георги и Миле Барбаровски, автори на песни со длабока трага во македонската музика, а инспирирани од народниот дух и традиција.

Настанот ќе се одржи во хотелот „Аполонија“ во Гевгелија од 19 часот. Браќата Барбаровски во улогите на текстописец и композитор се препознатливи по песните „Заветна“, „Ако згрешам нека изгорам“ и „Гоцевата порака“ во изведба на Пепи Бафтировски, „Дали чекаш стара мајчице“, „Ај да беше стрела песнава“, „Граде мој“ и „Пеам да не заплачам“ на Гоце Арнаудов, „Лична Валандовчанка“ на Кирчо Поплазаров, „Ти ме предаде“, „Мала ќе ти е Шар Планина“ на Блага Петреска и „Песната може сè“ со Ефто Пупиноски, „Молитва“ од Виолета Томовска и на многу други.






Тие се добитници на бројни награди за своето творештво, вклучувајќи ја „Златна бубамара“ на популарноста за животно дело во 2023 година, Наградата за животно дело на Општина Струмица по повод патрониот празник на градот – Светите петнаесет Тивериполски свештеномаченици во 2025 година и други.

Георги Барбаровски (1949) е македонски писател и текстописец на македонски народни песни, познат и како соработник и редактор во повеќе македонски весници. Миле Барбаровски (1952) е македонски композитор на популарна музика, кој дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на одделот на ударни инструменти и е автор на над 300 новосоздадени песни и ора во духот на народното творештво.

Од Градската библиотека информираат дека во рамки на настанот, браќата Барбаровски низ разговор со проф. д-р Ана Витанова Рингачева и м-р Сузана Мицева ќе ѝ ги презентираат на гевгелиската публика творечките патишта, чувствата, инспирацијата, еланот и копнежот кои ги водат низ музиката и поезијата. Специјален гостин на настанот е Блага Петреска.

Поврзани содржини