Мушмули и дуњи – тајната на една зимска приквечерина

Човечкото сеќавање има свои, незамисливи лавиринти, во кои ги складира со децении сите вкусови и мириси на нашето минато.

301

Во една келнска приквечерина, во нечиј двор одеднаш ми излезе во пресрет еден стар познаник. Одамна го бев забравила. Ми се пристори дека беше дошол директно од тајната на една друга приквечерина, во Скопје, пред многу години, пишува Кица Колбе за Дојче веле.

И тоа Скопје за мене повеќе го нема, така што призракот во малечката келнска градина ми се стори како навистина да доаѓа од времето за кое мислев дека е засекогаш изгубено. Призракот беше едно средно високо дрво. Лисјата одамна ги имаше изгубено, само што гранките не беа голи.






На нив уште висеа безбројни необрани мушмули! Во истиот миг го почувствував нивниот кисел, презреан вкус. Тој мирисаше и на зрелост и на гнилост. Мушмули, во келнската зима, каква надреална слика, си реков во себе. Зима е кога има зрели мушмули, проговори во мене гласот на детето, од скопското време. Навистина, околу мене веќе се беше распослала благата келнска зима.

Фасцинантни асоцијации

Отсекогаш ме фасцинираше асоцијативната поврзаност на јадењата, на билките и на плодовите со годишните времиња. Или со доживувањата во детството на некои плодови и јадења кои остануваат во нас како шифри за целиот живот. Тогаш самиот збор станува скришна ризница со слики, така што е доволно да помислите на името на некој плод што сте го јаделе во детството, за да ви се вратат во умот сите приказни и случувања поврзани со нив. Такви зборови за мене се „зима” и „кисело”. Особено во мрачните ноемвриски денови зборот „зима” за мене повикува во умот зборови кои одред се „кисели” – мушмули, дуњи, калинки и кисела зелка.

А на јазикот веќе го чувствувам нивниот кисел вкус. И веднаш ги гледам моите баби како седат на малечки столчиња пред големите дрвени каци во студениот трем. И јас седам крај нив на малечкото триножниче и со восхит чекам една од нив да го заврти „цифунчето” од кацата. Тогаш од него ќе почне да истекува тенка белузлава шипурка во белата емаилирана кофа, наменета само за прецедување на киселата зелка. Надвор тогаш можеби веќе се‘ беше покриено со длабок снег, но јас, сепак, кога ќе помислам на мирисот на киселата зелка и ќе го видам во умот благиот поглед на бабите, веднаш го слушам и шумолењето на снегот зад вратата.

Затоа што го чувствувам и студот што дува низ процепот под дрвената влезна врата. И иако тремот никогаш не се грееше, ми се чинеше дека тој беше многу топол, а студот не допираше во него, колку и да фучеше ветрот зад вратата. Студениот трем крај дрвените „каци” со закиселена зелка беше зимско царство за приказни. Ги раскажуваа моите егејски баби за оној живот зад границата, кој за мене беше уште поголема тајна и од онаа во бајките. Кога ќе го кренеа дрвениот капак, брзо станував, за да видам како изгледаат закиселените зелкини глави. Во германски написи денес прочитав за киселата зелка и за снабдувањето со витамин Ц преку исхраната во зимата во минатото. Се вели дека уште грчкиот лекар Хипократ киселата зелка ја сметал за здрава храна со лековито дејство. Тоа што го бев запаметила, имено, дека моите егејски баби закиселуваа цели глави зелка, неодамна дознав дека го чинеле уште Римјаните.

А тој обичај во нашата фамилија беше останал непроменет се‘ дури беа живи моите егејски баби. Не е чудно што зимницата од закиселена зелка била особено омилена кај Германците од Рајнската област, која некогаш била римска колонија, за што сведочи името на најголемиот град во неа, Келн, чие римско име било Colonia. Разликата е само во тоа што моите баби зелката ја закиселуваа во дрвени каци, а Римјаните во глинени садови.

Домашни лекови

Секоја година, уште во септември, германските лекари им препорачуваат на возрасните, особено на постарите возрасни, да се вакцинираат против грип. Оваа година ние, повозрасните, заедно со вакцината против грип ја добивме и таа против корона. Во бесплатните часописи на германските аптекари се препорачува во зимскиот период имунитетот да се поткрепува со таблети од цинк или од витамин Ц, придружени со реклама за соодветните препарати. Како ја поминувавме зимата и зимските настинки и грипови во времето кога бев дете во Скопје, се прашав денес?

Со еден литар рибино масло, го слушам гласот на мојата почината мајка. Ми го вели тоа затоа што таа не знае дека во Германија „рибиното масло” никој лекар повеќе не им го препишува на децата во раст, како мене, кога на единаесет години една цела зима морав секое утро со голем напор да голтам една супена лажица од „најздравото” масло, според мојот детски лекар. Јас само паметам дека тоа „здраво масло” имаше стравотен вкус, а за да го голтнам, без да го помирисам, го стискав силно носот со два прста.

Заборавени плодови

Зимата и во паметењето уште ја поврзувам со имињата мушмули и дуњи. Кога во моето германско секојдневие ќе дојде зимата, често ми доаѓаат на ум тезгите со зрели мушмули и со чудесно жолтите дуњи на некогашните скопски пазари. Секако, никогаш не го заборавив и „рајското јаболко”, кое толку раскошно вирее и носи плодови во Македонија – калинката. Кога дојдов во Германија пред четири децении, долго калинката беше исчезнала од мојот видик. Пред дваесеттина години се радував што можев да ги купам во турските дуќани, а од пред некои петнаесеттина години ги има и во секоја поголема германска самопослуга. Кога калинки купувам во Германија уште на крајот на септември, времето кога тие во Македонија уште зреат, уште појасно ми станува дека светот се преобрази во глобално село. И, сепак, во секоја калинка уште го барам вкусот на тие од Македонија, кои ги засакав како дете. Кога бев дете, калинки, мушмули и дуњи беа омиленото јадење во зима не само за децата, туку и за возрасните.

Денес децата, барем германските, не знаат како се јаде калинката, уште помалку дуњата, а камоли мушмулата. Овој плод целосно исчезна од германскиот список на јадења, иако е многу здрав и полн со состојки важни за здравјето. Мушмулата звучи архаично за германски уши, затоа што е заборавен плод. Иако во науката е познат и посебниот вид на германската мушмула. Овој плод бил омилен кај Грците и Римјаните, како и во викторијанската епоха кај Британците. Многу плодови кои биле популарни во минатото, денес се одамна заборавени. Сепак, некои се повторно откриени од алтернативната медицина или од вегетаријанците. Такви се, на пример, дудинките или „земните јаболка”, како што татко ми ги викаше „зимските јаболка”. Само во една зима ги имавме во градината во Скопје, затоа што татко ми многу ги сакаше, бидејќи беа спомен од неговото детство во Леринското поле. Тој во таа скопска зима 1966-та, со восхит ни нудеше да ги вкусиме благите, сочни кртоли на „земните јаболка” кои, за нас, сепак, имаа многу егзотичен вкус. Затоа татко ми не ги засади повторно. Сега верувам дека, како што јас копнеам по вкусот на дуњите и мушмулите од моето детство, и тој долго секоја зима во мислите го повикувал вкусот на неговите омилени лерински „земни јаболка”.

Сите кисели плодови, кои, некогаш, во моето детство во Македонија, беа знакот на зимата, беа вистински богати ризници за витамин Ц. Тие беа нашата домашна аптека. Спалните одаи мирисаа на дуњите што зрееја врз старите шифоњери. Сигурно тој мирис бил полезен и за други цели, кои одамна сме ги заборавиле. Можеби тој го поттикнуваше и спокојниот сон? А можеби нашиот сон тогаш беше спокоен затоа што уште немавме телевизори, а да не зборуваме за мобилни и за интернет. Сепак, токму во тој гигантски простор на интернетот често „тргнувам” во магична потрага по заборавените плодови. И ги пронаоѓам нивните имиња, нивната историја и нивните фотографии. Тоа тогаш е навистина восхитувачки момент за секој од нас, небаре сме се вратиле во изминатото време. Без интернетот, ќе требаше долго да барам во стручната литература за да ги добијам, на пример, сите информации за мушмулите. И, сепак, човечкото сеќавање има свои, незамисливи лавиринти, во кои ги складира со децении сите вкусови и мириси на нашето минато. Затоа што тоа минато е длабоко лично и зависи од посебната магија на секој човечки живот, неговата тајна никогаш не ќе може да ја дешифрира докрај ниту толку рекламираната „вештачка интелигенција”. Таа никогаш не ќе може да ја открие таа тајна која за мене се раѓаше во секоја зимска приквечерина кога ќе забележев дека бабите веќе седнале во тремот да ги „прецедуваат” каците со зелка. Па затоа трчав да седнам до нив на троножничето, наменето само за деца. Тогаш меѓу нас започнуваше да снови тајната на таа зимска вечер, која за мене остана вечна. Затоа ми проговори за миг и преку дрвото на мушмулата во една келнска приквечерина.

Поврзани содржини