МУЦУНСКИ ЗА „ПОЛИТИКО“ Подготвени сме да ги направиме сите неопходни реформи – не само поради ЕУ, туку поради посилно општество
Во интервјуто за Политико тој се осврнува и на геополитичкиот контекст, нагласувајќи дека иако ја разбира итноста за интеграција на Украина, тоа не смее да биде на сметка на Западен Балкан.
Македонија во моментов не е подготвена да ги направи уставните измени што ги бара Бугарија, освен ако не добие цврсти гаранции од Европската Унија дека тоа ќе биде последното вакво барање, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју за политичкиот магазин Politico.
Говорејќи за процесот на европска интеграција, министерот прашува:
– Нашиот страв е: ако ги направиме уставните измени, што ќе се случи ако за шест месеци Бугарија повторно дојде со барања поврзани со историјата, идентитетот или јазикот?
Тој нагласи дека земјаа е подготвена и веќе работи на сите други неопходни реформи, бидејќи тие не се само барање на Унијата, туку и потреба на општеството.
– Ако утре земјите членки ни кажат дека треба да направиме повеќе во областа на владеењето на правото или доброто управување – тоа го разбираме. И не само што го разбираме, туку го чувствуваме како наша обврска – вели Муцунски.
Во интервјуто тој се осврнува и на геополитичкиот контекст, нагласувајќи дека иако ја разбира итноста за интеграција на Украина, тоа не смее да биде на сметка на Западен Балкан.
– Најбрзата, а веројатно и најевтината инвестиција во европската стабилност е ЕУ што побргу да ги отвори вратите за целиот регион. Не мислам дека селективното проширување е најдобрата опција – изјави Муцунски.
Тој потсетува дека земјава го започна европскиот пат заедно со Хрватска, но додека Хрватска денес е членка на Шенген и користи евро, нашата држава сè уште нема отпочнато преговори за членство.
Министерот изрази увереност дека проширувањето сè уште е возможно.
– Слушаме за скептицизам кон проширувањето. Но, Северна Македонија – културно, социјално и политички – е европско општество. Доколку ги направиме реформите како што треба, не верувам дека ќе има силен отпор за проширувањето на нашиот регион – рече Муцунски.
Муцунски зборува и за поддршката што земјава ја дава за Украина, придонесот во НАТО Алијансата, како и целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Тој посочи и дека Северна Македонија беше првата земја од регионот што потпиша безбедносно-одбранбено партнерство со Европската Унија – дури пред Велика Британија и Канада.