МУЦУНСКИ ЗА НАДВОРЕШНИ, ТОШКОВСКИ ЗА ВНАТРЕШНИ… Мицкоски го соопшти составот на владата од коалицијата „Твоја Македонија“

Мицкоски рече дека има доверба во сите предложени кандидати бидејќи се професионалци во струките и мошне активни членови на партијата каде што и се докажале.

2,154

Мандатарот за состав на влада и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски  ги објави вечерва  кадровските решенија во новата влада од коалицијата „Твоја Македонија“, кои беа потврдени од Извршниот и Централниот комитет на партијата.

Како што соопшти Мицкоски, за министри ќе бидат предложени следните кандидати:






За заменик-претседател и министер за транспорт ќе биде  предложен  Александар Николоски.

За министер за одбрана ќе биде предложен Владо Мисајловски

Гордана Димитриеска Кочовска, ќе биде министер за финансии

Министер за надворешни работи и надворешна трговија  ќе биде Тимчо Муцунски,

За министер за локална самоуправа ќе биде предложен Златко Пирински,

Министер за информатичко општество и дигитална трансформација ќе биде Стефан Андоновски.

За министер на новото Министерство  за спорт ќе биде предложен Борко Ристовски,

Министер  за енергетика и минерални суровини ќе биде Сања Божиновска,

Министер за земјоделие ќе биде Цветан Трипуновски.

Предлог за министер за култура и туризам ќе биде Зоран Љутков,

Министер за внатрешни работи ќе биде Панче Тошковски

Образованието и науката ќе ги води Весна Јаневска

Претседателот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски  ќе биде предложен за заменик-претседател на владата, а политички систем.

Заменик-претседател на владата ќе биде и Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите во Македонија кој ќе биде задолжен за односите меѓу заедниците.

Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција на декадата на Ромите.

Мицкоски рече дека има доверба во сите предложени кандидати бидејќи се професионалци во струките и мошне активни членови на партијата каде што и се докажале.

– Во овие луѓе кои ги предлагам имам голема надеж и заедно не чека многу работа. Мора да ги засукаме ракавите од првиот ден бидејќи состојбите се очајни – рече Мицкоски.

Тој рече дека при изборот на кадровскиот потенцијал се водел од принципите за чесност и посветеност кои целосно ќе се вложат во реализација на зацртаните цели.

Идната влада ќе ја сочинуваат Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „Вреди“ и ЗНАМ за наша Македонија.

Предлог составот и програмата на владата Мицкоски ќе ги достави до Собранието задутре, по што треба да биде закажана собраниска седница за избор на новиот владин кабинет.

Новиот мандатар не смета дека треба да се организираат локани избори во општините од кои се избрани новите членови на владата, бидејќи како  што рече, не е време за нови трошоци бидејќи за една година ќе се организираат редовните локални избори. Тој очекува пратениците да ги изгласаат измените на законот за локална самоуправа со кои се предвидува да нема предвремени избори во општините чии градоначалници ќе преминат во извршната власт.

– Законот е доставен во Парламентот, очекувам дека сите пратеници безусловно ќе го гласаме, затоа што, иако на ВМРО-ДПМНЕ политички сега му одговара да има избори, ние сакаме да бидеме влада која што ќе биде одговорна и нема да има двојни аршини или двојни стандарди. Цениме дека не треба дополнително да се трошат парите на граѓаните, тие избори во некои општини можеби би чинеле милион евра. Тоа се пари со кои можеме да направиме некој булевар, градинка, да реновираме некое училиште, наместо со нашите политички игри да ги малтретираме граѓаните во ноември и декември еднаш, па догодина во септември и октомври уште еднаш – рече Мицкоски,

Поврзани содржини