Треба да направиме сѐ, да се почитуваат и да се воспостават сите соодветни мерки коишто ќе ги препорачаат релевантните здравствени власти. Кога ќе дојдат тие предлог законски решенија пред нас како пратеници ние сериозно ќе ги анализираме, ќе се консултираме, имаме сериозни врвни експерти од областа на медицината во нашата пратеничка група и верувам дека ќе направиме сѐ што е најдобро и во интерес на нашите граѓани а со цел соочување со овој проблем, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски во гостување на Сител.
Тој додаде дека е сериозно загрижен околу начинот на којшто полицијата би ги спроведувала новите мерки, а тоа да биде истовремено во рамките на тоа што го определува уставот.
Според него, од особена важност во овој момент е политичкиот дијалог помеѓу партиите во Собранието со цел да се прифатат најдобрите законски решенија за да се заштитат граѓаните во време на пандемија.
– Потребен е дијалог помеѓу политичките субјекти. Верувам дека со дијалог со трезвен начин на размислување можеме да дојдеме до решение, кое ќе овозможи и ефикасен законодавен дом и истовремено почитување на сите мерки. Одговорноста за отворање на таа врата на дијалог во овој момент лежи кај владата, односно кај парламентарното мнозинство – рече Муцунски.
За новиот ребаланс на буџетот Муцунски истакна дека опозицијата има поднесено околу 170 амандмани коишто се поврзани и со предлог амандмани за повеќе средства за инфективните одделенија ширум Македонија и инфективното одделение во Скопје, како амандмани поврзани со намалување на загаденоста на воздухот.
– Утре ја почнуваме комисиската расправа за ребалансот на буџетот, ќе кажам дека опозицијата има поднесено околу 170 амандмани коишто се поврзани меѓу другото и предлог амандмани за повеќе средства за инфективните одделенија ширум Македонија и инфективното одделение во Скопје, и проекти за намалување на загаденоста така да продолжува тој дијалог во Собранието. Ние активно учествуваме во подобрување на тој ребаланс на буџетот, од страна на владата ќе видиме колкав е капацитетот за дијалог во интерес на граѓаните а од гледна точка на парламентарна процедура уште утре ќе видите дека тековно функционира Собранието – рече Муцунски.
Тој додаде дека опозицијата својата поддршка за предлог законот ја условува со прифаќањето односно неприфаќањето на амандманите.