Муцунски: Нема да прифатиме една одлично структурирана Резолуција да стане предмет на партиски калкулации и пазарења

Фактот што СДСМ одлучи да го промени својот став по трет пат и да отвора теми кои не се поврзани со содржината на резолуцијата, за жал ги ослабнува позициите на Македонија во било какви идни разговори со Бугарија, вели Муцунски.

647

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ останува на предложениот концепт за единство на сите политички партии, за текстот кој е создаден и напишан од врвните научни, образовни и општествени институции МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА. Не би сакале да веруваме дека зад одлуката на СДСМ стои оставање на простор за пазарење со националните и државните интереси од највисок интерес, идентитетот, јазикот и националната засебноста на македонскиот народ, рече на прес конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски.

– Структурата на предложената Резолуција е концепт зад кој, за прв пат, политичките партии може да најдат минимум простор за заеднички позиции. За националните и државните интереси треба да го најдеме тоа што не обединува. Фактот што СДСМ одлучи да го промени својот став по трет пат и да отвора теми кои не се поврзани со содржината на резолуцијата, за жал ги ослабнува позициите на Македонија во било какви идни разговори со Бугарија. Обврска на државниот врв е да обединува, а не да разединува. СДСМ го прави токму второто. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати една одлично структурирана Резолуција, зад која стои авторитетот на највисоките образовни и научни институции, да стане предмет на партиски калкулации и пазарења – вели Муцунски.






Тој додава дека сметаат оти својувањето на оваа Резолуција е од исклучителна важност за забрзување на европската перспектива, зацврстување на државниот и националниот суверенитет на Република Македонија.

– Собранието на Република Македонија во овие критични моменти на нашиот развој е повеќе од потребно да излезе со единствен државен став во поглед на прашања кои се од национално значење и кои се очекува да придонесат за непречениот развој на нашата држава, но и за унапредувањето на мирот, стабилноста и безбедноста на нашиот регион и Европа во целина. Со усвојувањето на Резолуцијата ќе им дадеме дополнителен поттик на сите наши пријатели, партнери и влијателни фактори на меѓународната заедница кои има било какви сомневања во однос на потребата од заштита на нашиот суверенитет, идентитетски обележја, македонскиот јазик, но и значајни историски и културни обележја – смета Муцунски.

Пратеникот вели дека целта на Резолуцијата не е да се поткопаат позициите на Република Македонија, туку да се помогне во насока на заштита на националните интереси, а токму оваа Резолуција нуди компромисна содржина зад која може цврсто да се обедини целата македонска нација во заштита на македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет.

Тој порача дека е време Македонија, и покрај сите разлики кои ги имаат политичките партии, да се обедини во заштита на нашите национални интереси.

 

 

 

Поврзани содржини