МУЦУНСКИ И ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА СЕ ПОТПРЕТСЕДАТЕЛИ ВМРО-ДПМНЕ избра нови членови во раководството
Поранешна вицегувернерка и актер се во новиот тим на Мицкоски.
Градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски и поранешната дополнителна заменичка-министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска се нови потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва соопшти претседателот на партијата Христијан Мицкоски по седницата на Централниот комитет.
– Тимчо Муцунски е универзитетски професор на Правниот факултет Јустинијан Први и градоначалник на Општина Аеродром кој издвојуваше убедлива победа уште во првиот круг. Муцунски дел од своето образование го има стекнато во САД и Канада и беше заменик министер за информатичко општество и администрација. Муцунски беше и пратеник во Собранието на Македонија, како и секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ. Нов потпретседател е и Гордана Димитриевска Кочовска која е магистер по економски науки на УКИМ. Претходно работела во Стопанска Банка, во Македонски Телеком во секторот на даноци, во Министерство за финансии во секторот за јавен долг, а воедно во одреден период беше член на Управниот одбори и директор за финансии во АД Електрани на Македонија – рече Мицкоски.
Потпретседателските места во партијата ги задржуваат Александар Николоски и Владо Мисајловски.
Ѓоргија Сајковски останува на позицијата генерален секретар.
Нови член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се аналитичарот Сашо Клековски, Маја Кадиевска-Војновиќ, поранешна вицегувернерка на Народна Банка на Македонија, доцент доктор Ристо Симеонов, специјалист по детска хирургија и доктор Мевмет Џафери од Маврово Ростуше. Во Извршниот комитет влегуваат пратениците Ели Панова и Миле Лефков од Кочани, Луке Галески, кој е актуелен директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, актерот Зоран Љутков, како и Марија Митева, актуелна портпаролка на партијата.
– Членови на Извршниот комитет остануваат да бидат и досегашните, пратениците со сериозно политичко искуство Антонио Милошоски, Дафина Стојановска, како и пратеникот Драган Ковачки кој е и полковник во Армијата на Македонија. Членка на Извршниот комитет продолжува да биде пратеничката Рашела Мизрахи, докторката и пратеник Олга Лозановска од Битола. Во Извршниот комитет останува и професор Трајко Славески кој е и претседател на советот на град Скопје, како и човекот со богато искуство зад себе Влатко Ѓорчев, градоначалникот на Охрид доктор Кирил Пецаков како и докторот Марија Андоновска, која е и координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во градот Скопје. По функција членови на највисокото извршно тело се и претседателот на УМС Сергеј Попов, претседателката на Унија на жени, Жаклина Пешевска, и првиот човек на Унијата на ветерани Мане Јаковлевски како и координаторот на пратеничката група Никола Мицески – рече Мицкоски.
Нов секретар за меѓународна соработка е Стефан Андоновски, кој е и актуелен советник во Градот Скопје, а нов шеф на кабинетот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде Владимир Нелоски.