Муцунски: Ќе предложиме намалување на ДДВ за цената на струјата
На Македонија во овие тешки времиња ѝ се потребни даночни олеснувања - рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Ние иако постојано секоја година од Влада се најавува добра економска година, дека ова конечно ќе биде годината каде што ќе имаме зголемена благосостојба во економијата, но гледаме дека резултатите се далеку од тие најави. Пред неколку недели НБРМ ни најави дека ќе имаме зголемена инфлација, дека ќе растат цените на енергенсите и дека има загрижувачки трендови во делот на јавниот долг. Но, тоа ние како политичка партија алармираме подолг период, истакна Тимчо Муцунски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ во гостување во „10 Mинути“ на ТВ21.
Муцунски додаде што се однесува до енергенсите јасно е дека не само цената на струјата туку и цените на другите енергенси растат.
– Ние како политичка партија, тоа го најави претседателот на партијата Мицкоски, и ние како пратеници на таа политичка партија во Собранието имаме намера да предложиме намалување на износот на ДДВ-то на цената на струјата, што би значело намалување на цената, олеснување на граѓаните и компаниите. Односно уште еден начин да се апсорбира овој шок кој што за жал нашата Влада немаше капацитет и дел од јавните претпријатија кои што имаат надлежности во оваа област немаа капацитет да го апсорбираат на време. Ние мораме во овие тешки времиња при едно од најголемите социо-економски кризи да направиме нашите граѓани да живеат барем во некои услови кои што претходно ги имале. За жал, статистиката и тоа што граѓаните го чувствуваат од ден за ден е дека тие се сè посиромашни – рече Муцунски.
Муцунски во текот на своето гостување потсети дека сите ветувања кои што ги даде владата ниту едно не остварија за да се подобри животот на граѓаните.
– Владата на СДСМ е влада која што во делот на демагогијата и најавите е врвна, значи многу работи се ветени, но во пракса ништо не се реализира. Ние како што кажав мораме да направиме се за да граѓаните живеат не само поспокојно туку и деловниот свет да функционира понормално. За жал ова е влада која што во вакви кризни времиња која што немаше капацитет да ги апсорбира шоковите, немаше капацитет да нуди решенија за создавање на понормални услови за функционирање на компаниите, најавува во последните денови дури и зголемување на даноците – истакна Муцунски..
Муцунски додаде дека владата нуди една даночна политика која што е спротивно на потребите на бизнис заедницата, која што е антипазарна.
– На Македонија во овие тешки времиња ѝ се потребни даночни олеснувања – рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.