МУ ПРЕНЕСОВ НА ГЕОРГИЕВ ДЕКА НЕМА ДА OTСТАПИМЕ ОД ЦРВЕНИТЕ ЛИНИИ Муцунски вели дека Македонија е секогаш подготвена за преговори

Ние имаме политички проблем со еден од нашите соседи, тоа е реалност за која се свесни во ЕУ. Треба решение, но не треба да дозволиме на патот да бидеме згазени и да отстапиме од нашиот идентитет. Што е една нација без идентитетот?, изјави министерот Муцунски велејќи на колегата Георгиев му пренел дека Македонија ќе работи на добри соседски односи, но нема да отстапи од принципите.

622

Македонија нема да прави отстапки кон Бугарија иако има добра волја за разговори и решение за проблемите со своите соседи, информираше министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на заедничка прес-конференција со неговиот унгарски колега Петер Сијарто.

Муцунски беше запрашан од новинарите за неговиот неодамнешен телефонски разговор со бугарскиот колега Георг Георгиев на 11 јуни и дали кај Георгиев има расположение за преговори со Македонија.






– Не можам тоа да го одговорам во име на Софија. Но, од наша страна ние сакаме средба. Нормално е сите соседи да комуницираат меѓу себе. Ние секогаш ќе работиме на добробит и соработка во односите со соседите, но нема да отстапиме од нашите фундаментални принципи. Токму тоа му го пренесов и на колегата Георгиев. Претходната средба во Минхен во февруари беше на македонска иницијатива. Добрата волја не значи било каква отстапка од нашата државна позиција. Сметаме дека нашиот пат кон ЕУ треба да стане предвидлив. Терминот жртва не ми се допаѓа, но факт е дека повеќе од 20 години сме жртва на билатерализација на нашиот европски пат. Оваа влада успеа да обезбеди средства од Планот за раст од европската агенда….така што суштинската европеизација е тука, за тоа немаме дилема. Ние имаме политички проблем со еден од нашите соседи, тоа е реалност за која се свесни во ЕУ. Треба решение, но не треба да дозволиме на патот да бидеме згазени и да отстапиме од нашиот идентитет. Што е една нација без идентитетот? – одговори Муцунски.

На прес-конференцијата со унгарскиот министер за надворешни работи беше зборувао и за поддршката која Македонија ја добива од Унгарија на европскиот пат.

– Двете држави имаат развиено стабилно и долгорочно партнерство. Денешното потпишување на Договорот за стратешко партнерство и на Меморандумот за имплементирање на стипендиската програма Stipendium Hungaricum за периодот 2026–2028 година го потврдува тоа. Разговаравме за континуираната поддршка на Унгарија за нашите евроинспирации, Унгарија останува една од најгласните поддржувачи за регионот. Тоа го потврдува и денес. Искрено сме благодарни за тоа. Остануваме цврство посветени на полноправно членство во ЕУ со јасна динамика и предвидливост – изјави Муцунски.

Македонско-унгарските односи последниве години добија нова динамика, особено во доменот на инвестициите, образованието и енергетиката.

– Во делот на надворешната трговија воспоставивме контакт со унгарското министерство, Унгарија е еден од 10 најголеми земји инвеститори во Македонија – додава Муцунски.

На новинарско прашањето зошто Македонија гласаше воздржано за резолуцијата во Обединетите Нации во врска со резолцијата за Палестина министерот рече:

– Жалиме за развојот на состојбите на Блискиот Исток. Сакаме мир меѓу Израел и Палестина. Но, во истата резолуција ќе видите аргументи кои се спротивставени со основните принципи на меѓународното право. Во документот нема јасно дефинирање на тоа што е групата Хамас, за теророт што го правела Хамас. Ние гласавме воздржано за конкретната резолуција за мир.

Поврзани содржини