МРСУЛАВИ НОСИЊА, ПРЕМРЗНАТИ ДЕЧИЊА Можеби нема ковид да фатат, но на учениците не им бегаат настинките
Еден од родителите ни посочи дека во училиштето каде што учат неговите деца онлајн настава можат да следат само оние кои се определиле од напред. Веќе нема да може онлајн за деца кои одат во школо, а во меѓувреме се разболеле. Единствено ќе им биде овозможено на оние деца кои се во изолација.
По две недели доцнење поради влошената ковид-состојба во земјава, вчера со физичко присуство на учениците започна второто полугодие во сите основни и средни училишта во земјава, а токму тоа предизвика лавина на реакции од родителите, но и од наставниците, поради актуелните протоколи за заштита од коронавирусот.
Како што можеше да се види од низата фотографии на социјалните мрежи, на температури неколку степени под нулата, со отворени прозорци, дечињата ја следеа наставата, на што бурно реагираа родители.
– Иако беше речено дека децата ќе се менуваат покрај прозорците, што според мене е многу нелогично, мојата ќерка за време на сите часови седела покрај прозорот. До некаде разбирам почесто да се отвораат прозорците и да се проветруваат училниците, но постојано да се седи така, на вакво време не можам да разберам. Но до кога вака, дали некој размислува што ќе се случи со децата, можеби ние во овој момент ќе ги заштитиме од ковидот, но тешко од настинката, грипот или бронхитисот – вели Симона чија ќерка била цел дена облечена со јакна и шал и ракавици, го поминала првиот училиштен ден.
Еден од родителите ни посочи дека во училиштето каде што учат неговите деца, онлајн настава можат да следат само оние кои се определиле од напред. Веќе нема да може онлајн за деца кои одат во школо, а во меѓувреме се разболеле. Единствено ќе им биде овозможено на оние деца кои се во изолација.
Меѓу коментарите можеше да се прочита дека некои поради временските услови, одлучиле своите деца да не ги пуштат на првиот час од второто полугодие, но и дека не им е јасно зошто не може децата, барем додека состојбата со коронавирусот малку не се смири, а и времето да се затопли, да продолжат со онлајн настава.
– Навистина нема логика, минатата година речиси целата децата ја поминаа од дома и онлајн, кога претходните варијанти не влијаеа на нивното здравје, но сега со омикронот, кога од ковид-19 заболуваат и дечињата и тоа со посериозни клинички слики, ние ги пуштаме во оган. Не велам дека онлајн наставата е добра, на децата им е потребна социјализација, дружење со другарчињата, но не во овој момент и не сега – ни рече Александар кој притоа додаде дека неговиот син кој е второ одделение и по осум часа мора да седи со маската на лице.
Пред почетокот на второто полугодие на социјалните мрежи имаше две иницијативи од страна на родители, од кои едната бараше од властите да се дозволи децата без маски да ја следат наставата, додека другата сметаше дека во моментов најдобро е учениците да продолжат онлајн, барем додека да не се обезбедат услови, пред сè временски, за да може физички децата да одат на училиште. По вчерашниот ден и од двете иницијативи, кои велат дека се грижат за физичкото и менталното здравје на нивните деца, во следните денови ќе одлучат дали повеќе нема да ги носат во училиште, доколку не им се овозможи да се следи настава без маски, а другата страна бара овозможување на онлајн настава.
Инаку во моментов настава без физичко присуство нема во седум средни и четири основни училишта во земјава, затоа што објектите се реновираат, пред сè поради тоа што не се овозможени основни услови за тоа, па децата ја следат наставата онлајн.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков изјави дека во период кога во земјава расте процентот на новозаболени од ковид-19, со наставата со физичко присуство, постои реална можност вирусот многу побрзо да се шири, а училиштата да се претворат во кластери.
Тој предлага наставата да почне онлајн, а потоа да се согледа ситуацијата и доколку епидемиолошката состојба оди во надолна линија, тогаш да се направи процена дали постојат услови за физичко присуство на наставата.
Новиот претседател на Комисијата за заразни болести, проф. д-р Александар Петличковски во разговор за Плусинфо смета дека одлуката за физичко присуство на децата во училиштата е исправна.
– Мислам дека тоа е добра одлука. Имајќи ги предвид препораките на сите релевантни институции во светот, настава со физичко присуство е избор секогаш кога има услови за тоа. Во моментов, епидемиолошката состојба помеѓу младите е добра, нема голем број на случаи на ковид-19 и со следење на протоколите не се очекува значајно ширење на инфекцијата во училиштата – вели претседателот.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири вели дека само 0,15 проценти од учениците и 0, 85 проценти од наставниот кадар не беа во можност да го почнат второто полугодие поради болест, што е показател дека е правилна одлуката наставата да се одвива со физичко присуство, додавајќи дека ќе биде во секојдневна комуникација со директорите на сите основни и средни училишта со цел да се следи состојбата.
Доктор Нико Беќаровски, кој од вчера е нов член на Комисијата за заразни болести, ден пред почетокот на учебната година предложи сите ученици кои сакаат да посетуваат настава во живо да се вратат во училишните клупи, а останатите (позитивните и тие кои се плашат од зараза), да ја следат онлајн, присуствувајќи физички само при тестирање и оценување.
– За сите наставници и ученици со симптоми да биде обезбедено тестирање секој понеделник, а сите позитивни наставници кои ќе бидат со општа добра здравствена состојба, да им се дозволи држење на наставата од домовите, без да им се одзема процентот за боледување, кој и не е така мал. После тоа сметам училниците треба да се проветруваат 5 минути по секој завршен час, а никако во текот на самиот час – предложи д-р Беќаровски својот Фејсбук профил.
Во своето вчерашно гостување во Топ Тема на Телма, д-р Драган Даниловски истакна дека и сè да остане затворено, училиштата мора да бидат отворени, затоа што е важна благосостојбата на децата да не се наруши во тек на образованието и наставата.
Според него, со ковид-кризата децата веќе се „прагот да се развијат во личности на психопати и имаат проблеми со развојот на личноста“.
– Треба да се мисли на образованието. Сѐ да се затвори, ама учениците не смеат да трпат, смета Даниловски.
Тој е против маските на училиште, но потребни се услови за неопходен бедем за заштита на нивните родители и наставници со вакцинирање.
– Недозволиво е да има наставници со антиваксерски ставови или постари членови на семејство. Тие треба да ги штитат децата, а не обратно – појаснува епидемиологот Даниловски.
Како во следниот период ќе се одвива наставата во основните и средните училишта во земјава, пред сè најмногу ќе зависи од епидемиолошката слика во земјава, а доколку се влоши можно е да се очекува нова препорака од Комисијата за заразни болести до властите и наставата да продолжи онлајн.