Мрежа за заштита од дискриминација: Итно да се избере народен правобранител и Комисија за спречување дискриминација

Оттаму потсетуваат дека се поминати роковите за објавување оглас за избор на народен правобранител и членови на комисијата, а Собранието нема распишано огласи.

390

Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието итно да ги започне постапките за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и избор на нов Народен Правобранител.

Оттаму потсетуваат дека се поминати роковите за објавување оглас за избор на народен правобранител и членови на комисијата, а Собранието нема распишано огласи.






– Вториот мандат на актуелниот Народен правобранител Иџет Мемети истекува на 24.12.2020. Согласно член 5, став 4 од Законот за Народен правобранител, Собранието има законска обврска да ја започне постапката за избор на Народниот правобранител и неговите заменици три месеци пред истекот на нивниот мандат. Согласно датумот на истек на мандатот на актуелниот Народен правобранител, Собранието требало да ја започне постапката за избор на нов Народен правобранител и на негови заменици најдоцна до 24.9.2020, а Собранието сѐ уште нема објавено јавен оглас за избор на нов Народен правобранител – потсетуваат од Мрежата за заштита од дискриминација..

Од Мрежата бараат Собранието во најкус можен рок да го спроведе изборот на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на транспарентен начин и водејќи сметка за квалитетот на избраните кандидати.

– Обврската составот на ова тело да го одразува составот на општеството во целина не смее да остане само декларативна, туку реална цел на Собранието бидејќи во спротивно ќе се компромитира целта на ова тело како гарант за еднаквоста на сите граѓани. Потребно е да се изберат професионални и независни кандидати/ки, кои на ниту еден начин не се поврзани со политичките партии. Притоа, етничката припадност не смее да биде единствен критериум, особено нејзиното тесно разбирање како распределба на позициите помеѓу Македонците и Албанците. Неопходно е да се води сметка за родовата еднаквост и да се вклучат претставници на маргинализираните заедници (Ромите, лицата со попреченост, ЛГБТИ и други) –  велат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Поврзани содржини