МПЦ се огради од повикот за собирање на Велигден, кој сака може да се причести и дома

Синодот донел одлука храмовите за лична молитва на верниците да бидат отворени, но во нив времено да престојуваат исклучиво до пет луѓе на одредено растојание.

803

Ја истакнуваме потребата од продолжување на вонредната мерка за јавните собири, која прецизно го ограничува движењето и групирањето на луѓето, а која ќе важи како за овие денови, така и за периодот на претстојните Велигденски празници.

Ова го соопшти Светиот архијерејски Синод (САС) на Македонската православна црква (МПЦ-ОА) и додаде дека литургискиот богослужбен живот нема да биде прекинат, но дека црквата ќе се сообрази на вонредната ситуација почитувајќи ги донесените мерки за заштита. Како што додаваат оттаму, Синодот донел одлука храмовите за лична молитва на верниците да бидат отворени, но во нив времено да престојуваат исклучиво до пет луѓе на одредено растојание.






„Упатуваме апел за реално да се гледа опасноста од раширениот коронавирус, кој веруваме, со Божја помош, ќе биде победен доколку еднодушно и од страна на сите се почитуваат насоките. Светите литургии и сите богослужби да се одржуваат со неколкумина сослужители, со најмногу петмина верници, водејќи грижа да не се наруши веќе наложената мерка за јавен собир. Со благослов на надлежниот епархиски архијереј, во своите парохиски храмови, верниците да пристапат кон Светата причест, на начин што е веќе востановен и утврден. На повозрасните, изнемоштените и имунослабите лица, како и на децата, им препорачува да останат во своите домови. Доколку имаат духовна потреба, истите да се најават кај своите парохиски свештеници за да бидат причестени во домашни услови. Во оваа вонредна состојба го благословува и го смета за полезно медиумското пренесување на црковните богослужби од националните и локалните медиуми, како и на интернет ресурсите“, стои во соопштението.

Оние, пак, кои во претстојниов период се одлучиле за самоизолацијата, или, пак, на кои истата им е наложена како превентива против заразата, додаваат оттаму, МПЦ-ОА ги охрабрува во нивната самопожртвуваност, затоа што таа ги штити и нив, но и другите околу нив.

„Со своето однесување, никој не смее да биде причина за нарушување на востановените безбедносни регулативи и постоечките здравствени норми. Евентуалните прекршители на вонредните владини мерки треба да понесат сопствена одговорност. Упатува апел за внимателен однос кон корона-позитивните лица, препорачувајќи да се избегнуваат обвинувања врз таа основа. Доколку се констатира остварен контакт со позитивен носител на овој вирус, во црковно-административен објект, парохиски храм или манастир, да се следи протоколот предвиден од надлежните здравствени власти и веднаш да се пристапи кон карантински услови, дезинфекција и самоизолација. Припадниците на клирот да ја следат личната здравствена состојба и при секој изразен симптом, познат за оваа болест, да го известат својот матичен лекар. Погребите да се извршуваат на отворен простор, а крштевките, доколку е неопходно, во кругот на најтесното семејство. Во оваа прилика, САС на МПЦ-ОА упатува благодарност кон сите трудољубиви работници во здравствените, безбедносните, транспортните, енергетските, медиумските и другите служби од јавен карактер, кои му овозможуваат на нашето население, во овие вонредни околности, непречен тек на животот, а со својот труд придонесуваат за општото здравје и за заедничката безбедност“, наведено е во соопштението.

Инаку, на социјалните мрежи деновиве почнаа да се споделуваат објави од црковни профили преку кои се повикуваат православните верници да го дочекаат празникот Велигден во храмовите и покрај забраната за масовни собирања поради коронавирусот. Таков пример е објавата од Фејсбук профилот на црквата Света Троица во Охрид, каде што се вели дека црквата нема забрана за богослужење и дека сите богослужби се одвиваат според типикот.

„Браќа и сестри православни христијани. На ден 18.04.2020 година во 23:30 часот да бидете сите во црквите во вашата парохија и во 00:00 да го дочекаме Христовото воскресение како што ни доликува со молитва и со причестна. А не по балкони, и по дворови. Црквата сѐ уште нема забрана за богослужба, така што сите богослужби остануваат како што се востановени во типикот, но доколку има промени во времето за богослужење дополнително ќе известиме“, наведено е во статусот објавен од профилот на црквата Света Троица.

Епархијата не беше информирана за ваквите повици на социјалните мрежи. Тоа не е став на МПЦ-ОА и не е став на епархијата. Целосно се оградуваме од ваквите повици

г. Тимотеј Митрополит дебарско-кичевски

Според митрополитот дебарско-кичевски и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, г. Тимотеј, ваквите неодговорни повици не претставуваат став на црквата, ниту на епархијата.

– Епархијата не беше информирана за ваквите повици на социјалните мрежи. Тоа не е став на МПЦ-ОА и не е став на епархијата. Целосно се оградуваме од ваквите повици – рече Тимотеј за Плусинфо.

Православните цркви во повеќето земји веќе изнајдоа решенија како да го прославуваат празникот Велигден. Грчката православна црква (ГПЦ), на пример, ја одложи прославата за празникот, а исто така одлучи литургиите да се одржуваат зад затворени врати, без верници и без биење на камбаните.

И бискупот Киро Стојанов од Католичката црква во Скопје, во изјава за Канал 5 истакна дека здравјето на верниците е најважно па затоа во целост ги почитува владините препораки.

– Пораката до верниците е во овие тешки и неизвесни денови да бидат послушни и да се молат дома со семејството – изјави Стојанов.

Поврзани содржини