МОЗОЧЕН УДАР БЕЗ ТРАЈНИ ПОСЛЕДИЦИ? Научниците успеале да обноват мозок со помош на матични клетки
Еден од четири возрасни лица доживува мозочен удар во текот на својот живот, а половина остануваат со трајни последици - парализа, оштетување на говорот или на когнитивните функции. Досега не постоеше терапија што би можела да ги регенерира мртвите мозочни клетки.
Научниците од Универзитетот во Цирих направиле значаен пробив во третманот на мозочен удар – со трансплантација на невронски матични клетки, тие успеале да ги регенерираат невроните, да ги обноват моторните функции, па дури и да ги поправат оштетените крвни садови во мозокот.
Ова откритие, објавува ScienceDaily, отвора врата за терапии што наскоро би можеле да се применат кај луѓето.
Еден од четири возрасни лица доживува мозочен удар во текот на својот живот, а половина остануваат со трајни последици – парализа, оштетување на говорот или на когнитивните функции. Досега не постоеше терапија што би можела да ги регенерира мртвите мозочни клетки. Сепак, тим предводен од д-р Кристијан Текенберг и истражувачката Ребека Вебер од Институтот за регенеративна медицина на Универзитетот во Цирих покажал дека закрепнувањето е сè уште можно.
Како функционира терапијата?
Студијата користела човечки невронски матични клетки добиени од индуцирани плурипотентни матични клетки, кои можат да се произведат од обични телесни клетки. Откако предизвикале мозочен удар кај глувци, истражувачите трансплантирале матични клетки во оштетениот дел од мозокот една недела подоцна. Анализите покажале дека клетките преживеале пет недели и се развиле во неврони, воспоставувајќи комуникација со постојните мозочни клетки.
Покрај тоа, се формирале нови крвни садови, се намалило воспалението и се зајакнала крвно-мозочната бариера. Најважно од сè, животните целосно ги обновиле своите моторни функции.
Чекор поблиску до примена кај луѓето
Студијата носи уште еден важен увид: терапијата е поефикасна кога се администрира со задоцнување од една недела, отколку веднаш по мозочниот удар. Ова би можело да го олесни подготвувањето на терапијата во клиничката пракса. Истражувачите веќе развиваат безбедносни механизми што би спречиле неконтролиран раст на клетките во мозокот, како и методи за инјектирање на матични клетки преку крвните садови, што би било многу помалку инвазивно од трансплантацијата во мозочното ткиво.
Првите клинички испитувања на индуцирани матични клетки кај луѓе веќе се во тек во Јапонија, каде што се тестира нивната ефикасност во лекувањето на Паркинсонова болест. Мозочниот удар би можел да биде следната голема пресвртница.