МОЖНО Е НЕКОЈ ДА ИЗВРШИЛ САБОТАЖА ВО РЕК БИТОЛА Мицкоски вели дека полицијата го истражува случајот со блок 2
Премиерот вели дека МВР го истражува случајот „што е нивна работа, а на вработените во АД ЕСМ им останува час поскоро да го оспособат блокот 2 и да биде во функција“.
Постои основано сомнение дека е можно во раните утрински часови пред два дена да се случила саботажа во РЕК Битола, откри денеска премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на комплескот „Македонско село“.
Премиерот вели дека МВР го истражува случајот „што е нивна работа, а на вработените во АД ЕСМ им останува час поскоро да го оспособат блокот 2 и да биде во функција“.
– Важно е што навремено снабдување со електрична енергија ќе добијат сите корисници. Во РЕК Битола се даваат натчовечки напори во делот на дисциплината и ремонтите. Двата блока се веќе во ремонт, а овој единствено работеше, бидејќи таква е потребата на пазарот во моментов РЕК Битола да работи со еден блок, а пикот да се пегла со други извори – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање на отворањето на комплексот во Горно Нерези.
Мицкоски потсети дека АД ЕСМ и Владата не побараа зголемување на цената на електричната енергија од 1 јули, како што, вели тој, тоа многупати го правеше минатата влада.
– Продолжуваме да го оправаме сето она кое што уништено, распаднато и девастирано го затекнавме од претходната влада – истакнува Мицкоски.
Во средата, 18 јуни, рано изутрина Термоблокот 2 во РЕК Битола автоматски се исклучи од електроенергетскиот систем поради проработување на заштитниот механизам на блокот, кој се активирал како последица на зголемена температура, односно опожарени дрвени елементи во близина на ормарот за електронско управување.
Од АД ЕСМ тогаш посочија дека со оглед дека станува збор за потенцијална саботажа, веднаш по настанот, надлежните служби на РЕК Битола реагирале согласно оперативните протоколи и ја известиле криминалистичката полиција која извршила увид.