МОЖНО Е ДА СЕ УФРЛЕНИ ПРОВОКАТОРИ Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека инцидентот со новинарката не е создаден од организаторите на митингот

808

Инцидентот што го посочи Здружението на новинарите на Македонија не е забележан ниту создаден од лицата кои се организатори на илјадниот митинг, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.

„Жалиме за навредите кон новинарската екипа на ТВ 24 Вести и го осудуваме однесувањето на поединецот којшто упатил навреди. Истовремено, укажуваме и на атмосферата во која власта, СДСМ и Ковачевски започнаа хајка против медиуми, и оттука и на можноста за уфрлени провокатори за предизвикување инцидент на првиот народен собир на ВМРО-ДПМНЕ со импозантна посетеност“, се наведува во одговорот од ВМРО-ДПМНЕ.






Оттаму додаваат дека остануваат на линија на одбрана на професионалните медиумски стандарди и во заштита на медиумските работници во интерес на вистината, на јавноста и во интерес на напредувањето на Македонија.

„Слободата на медиумите и обезбедување простор за вистинско и точно информирање се врвот на една демократија, но и показател за степенот на демократскиот амбиент во државата.

Тоа особено важи во време на избори, кога од работата на медиумите се оценува и процесот на избори. ВМРО-ДПМНЕ го осудува секое спречување на медиумите во нивната работа, со физичко или вербално спречување или заплашување на новинарски екипи“, се додава во одговорот од ВМРО-ДПМНЕ.

ЗНМ соопшти дека имало агресивен однос и вербални закани кон новинарката Елизабета Дамјановска и нејзиниот колега снимател од ТВ 24 за време на вчерашниот партиски митинг на ВМРО-ДПМНЕ пред владата од страна на непознато лице.

Поврзани содржини