МОЖНИОТ ДОУШНИК НА „БАРОН БЕЛАНОЦА“ БИЛ НА РАСПИТ ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО Одземен му е мобилниот телефон
Заради постоење на основи на сомневање дека е можен сторител на кривичните дела Оддавање службена тајна и Злосторничко здружување, со лицето е извршен службен разговор, соопшти ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција повикало на распит едно лице, кое може да биде осомничено дека им дојавило на криминалците од групата „Барон Беланоца“ дека полицијата ќе ги уапси. На лицето му е одземен мобилниот телефон, соопшти Јавното обвинителство.
„Во рамките на предметот под кодно име „Бункер“ во кој под истрага се 18 членови на криминални групи, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК и истражители од Истражниот центар при анализа на досега прибраниот доказен материјал дојдоа до сознанија што упатуваат на можно сторување на други кривични дела и други инволвирани лица. Со цел да се испитаат ваквите индиции, на 28.12.2024 година, едно лице беше спроведено во полициска станица. Заради постоење на основи на сомневање дека е можен сторител на кривичните дела Оддавање службена тајна и Злосторничко здружување, со него е извршен службен разговор. По разговорот лицето е пуштено на слобода, а по насоки на јавниот обвинител му е одземен мобилниот телефон, со цел со понатамошна дигитална обработка на телефонските податоци, за да се потврдат индициите за евентуално стореното дело“, соопшти Јавното обвинителство.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на прес-конференцијата на 16 декември, по апсењето на убијците и мафијашите од групата на новинарско прашање дали била пробиена акцијата, која требала да се случи два дена подоцна, одговори дека МВР работела согласно со тековните информации од терен.
– Ако прашувате има ли нечесни полицајци кои повеќе соработуваат со криминалците – да, има. Ќе има постапка и против нив – рече Тошковски.