МОЖЕМЕ ЛИ ДА ИЗЛЕЗЕМЕ ОД РАМКИТЕ НА МИТОТ? Дилемите на Памук во „Жената со црвена коса“

Дали правецот по кој се движат нашите животи е одамна исцртан во митовите? Дали има начин да се прекине потрагата по татковската љубов, да се прости невозвратената родителска љубов и дали прашањето за личниот идентитет е најважно во животот на еден човек?

513

Исправеноста на човекот пред некои вечни прашања и костецот со судбината се прашањата кои нобеловецот Орхан Памук ги отвора во неговиот роман „Жената со црвена коса“ (2016), неодамна преведен на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Едиповиот комплекс, односно темите за таткоубиство и за синоубиство, обземеноста на синот со улогата на таткото во неговиот живот, го водат низ животот главниот лик, градежниот претприемач Џем. Израснат без татко, кого иако бил напуштен од него, го запомнил како голем човек, бунтовник, заводник, авантурист, но и како пример на кој се угледува и со кого се споредува. Џем го минува својот живот барајќи татковска фигура, стабилност, мерка, правец, барајќи го својот идентитет. Таа, толку неопходна улога во тинејџерскиот период од неговиот живот, ја наоѓа во мајсторот Махмут, со кого минува едно лето во тешка физичка работа, копајќи бунар.






Односот што мајсторот Махмут го развива кон малиот господин Џем постојано го тера момчето да го споредува со односот што го има со неговиот вистински татко. Кој од нив двајцата го сака повеќе, а кој подобро? Иако Џем не се сомневал во љубовта на татка си, тој сега почнува да го споредува со Махмут и сфаќа дека љубовта меѓу татко и син може да биде повеќе од крвна врска, полна со разбирање, разговори, доверба, поуки и почит.

Колку повеќе се зближува со Махмут а при тоа во себе го критикува татка си, Џем неосетно и самиот навлегува во спиралата на митот за царот Едип. Во момент на паника и страв за својата иднина, го остава мајсторот Махмут на дното од бунарот, не знаејќи дали е жив или мртов. Верувајќи дека мајсторот е мртов, Џем 30 години бега од соочувањето со вистината, сè додека митот повторно не ги испреплете патиштата во неговиот живот кому му должи разрешница.

Памук мајсторски го пресликал митот за Едип во својата модерна приказна и во своите современи ликови, кои се образовани и успешни луѓе и живеат во организирано општество.

Џем се вљубува во Гулџихан, жената со црвена коса, театарска актерка која е 16 години постара од него, и би можела да му биде мајка. Со неа Џем ги открива телесните сласти и од тоа единствено сплотување со актерката, дури по 30 години ќе дознае дека добил син (Енвер), од чија рака ќе настрада. При тоа, Џем ќе дознае и дека Гулџихан претходно била долгогодишна љубовница на неговиот татко, а таа длабока емотивна врска морала да биде прекината поради политичките убедувања на двајцата млади либерални активисти.

Можеме ли да излеземе од рамките на митот? Дали правецот по кој се движат нашите животи е одамна исцртан во митовите? Зошто учениот и современ Едип, односно Џем, не ја земе судбината во свои раце? Дали прималниот инстинкт е толку силен што ниедна ука ниту сознание, ниту предупредување (иако Ајше, сопругата на Џем, го предупредува дека неговиот син Енвер го намамува на убиство) не може да му се спротистави? Дали има начин да се прекине потрагата по татковската љубов, да се прости невозвратената родителска љубов и дали прашањето за личниот идентитет е најважно во животот на еден човек?

Овие и други прашања Памук ги остава отворени пред читателот во неговиот роман „Жената со црвена коса“. При тоа потсетувајќи го детално и на другите митови во кои се проткајува истата тема, убиството на синот од Иван Грозни, приказната за синоубиство на Рустем и Сухраб од епот „Шахнаме“ на персискиот поет Фирдуси, приказната за Јосиф и неговите браќа, како и за искушението на пророкот Ибрахим (Аврам), кој тргнал во гората да го принесе својот син како жртвено јагне за да ја докаже својата верност кон Бога.

Копнежот по првата љубов и стабилноста во зрелата љубов се испреплетуваат и се надополнуваат со темата за неисполнетата, а очекувана родителска љубов, која доминира во романот и логично води кон неговиот трагичен крај.

Романот на Памук се чита во еден здив и секако, нема да ве остави рамнодушни. Ќе ве потсети на некои подзаборавени митови, на тоа дека такви приказни навистина се случувале во човековата историја, и најважно, ќе ве замисли колку биле или сè уште се присутни во вашиот сопствен живот. Го најдовте ли конечно вашиот идентитет и дали тоа е единствениот излез од лавиринтот на предодреденоста на која нè предупредуваат митовите?

Поврзани содржини