Може ли Заев да е Бугарин, меѓународно признат како Македонец?

Тезите „еден јазик, два признати" и „двајца браќа, еден татко" се варијации на тезата „еден народ, две држави". Прифаќањето на овие тези значи директно и грубо негирање на идентитетот на македонската нација. Другарчињата мора да сфатат дека тоа во Македонија нема да помине.

12,822

Три дена по посетата на Зоран Заев во Софија молчам и чекам тој самиот, официјално, или барем од извори што ни тој нема да може да ги оспори, да ни соопшти за што всушност, преговара македонската влада со бугарската и кои се тие “креативни предлози” што се доставени до Софија.

Три дена се преиспитувам. Иако долго време и до мене стасуваат шпекулации за тоа дека „креативните” решенија што ги смислиле премиерот и неговите другарчиња длабоко и опасно го засегаат македонскиот национален идентитет. Сакам да верувам дека не е така.






Си велам, можеби Заев навистина само се труди да ги подобри нарушените односи меѓу Македонија и Бугарија. Можеби не е баш паметно што го опоменав да не оди во Софија по новото вето. Можеби тој искрено сака да го обнови дијалогот и истовремено да го одржи ветувањето дека за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик нема да се преговара.

За жал, сега се чувствувам излажан, изманипулиран и преведен жеден преку вода. По кој знае кој пат…

Информациите во некои од водечките бугарски медиуми се крајно вознемирувачки. Ако Заев навистина е спремен да признае дека ние Македонците и Бугарите зборуваме на ист јазик, а двата јазика се „меѓународно признати како различни”, тоа значи дека сме во голема неволја. Тоа значи дека  Заевите „креативни решенија” не се ништо друго освен грубо негирање на македонскиот идентитет. Погубно самонегирање. И дека Заев веројатно доживува и лична криза на идентитетот.

Владата ги демантираше написите на медиумите од Софија. Но, да бидам искрен, јас повеќе им верувам на моите бугарски колеги. Ме гризе сомнежот дека македонскиот премиер сепак некому ветил дека „ќе ги направи неопходните компромиси за историските теми” (како што тврди весникот „Труд”) и дека се согласил дури за некаква декларација во која Македонците и Бугарите ексклузивно би се прогласиле за „братски народи”.

Зошто не му верувам на Заев? Затоа што многу пати се покажа дека не е за верување. Затоа што знам дека итното решение на македонско-бугарскиот спор – макар и едно за нас понижувачко решение! – за него е личен императив. Прашање на опстанок на власт. Веројатно и прашање на опстанок во политиката воопшто. Дури и прашање што ќе ја определи неговата иднина во периодот откако ќе мора да се збогува со премиерската фотелја.

Само човек кој е сериозно оптоварен со таков императив може да се осмели да застане на ваква погубна антимакедонистичка позиција и да ја негира посебноста на македонскиот јазик, а со тоа и посебноста и самобитноста на македонската нација.

И само човек во страв и во паника може да се согласи со некаква недоветна идеја Бугарите и Македонците и формално да се побратимат, односно да се прогласат за „браќа”. Додека народите со кои од формирањето на македонската држава до денес имавме многу поголема блискост (Србите, на пример), или пак народите со кои со децении делиме и добро и зло во нашата независна држава (Албанците), нема да ја имаат честа да бидат означени со една таква ласкава референца.

Гледам дека во главата на Заев се случува една опасна збрка. Страхувам дека таа збрка и тие опасни тези во преговорите со Софија се продаваат како македонски ставови и позиции. И затоа мислам дека ова е моментот кога на Заев мора сериозно да му се каже дека неговото „лидерство” во овој процес и неговите инфантилни „креации” многу сериозно ги загрозуваат македонските национални интереси.

Заев треба остро да се предупреди дека од неговите лупинзи во овој момент ентузијастички се воодушевуваат само неколку наши домашни антимакедонисти. Тие се полоши и од Каракачанов, за среќа сепак се само кловнови без сериозно политичко влијание. Го поддржуваат луѓето кои со оваа власт се поврзани на клиентилистичка основа. И секако, го бодрат странски државници и дипломати кои веруваат дека еден ваков деликатен спор може да се реши на тој начин што двете страни едноставно ќе се најдат некаде на половина пат.

Ние, огромното мнозинство Македонци, знаеме кои сме и што сме. Ние сме Македонци, ги почитуваме сите соседни народи и никого не загрозуваме. Си ги обичаме и Б’ лгарите, естетствено, та дури некои од нас ги чувствуваат блиски како браќа (јас, на пример). Но, ние сепак немаме ист баштá, не сме браќа на тој начин. Не сме и никогаш не сме биле еден народ. Нема ни да бидеме. И дајте еднаш веќе да се помириме со тоа!

Ние говориме и бугарски и српски јазик. Реално, подобро го разбираме српскиот, поради познатите историски околности. Некои од нас, побогатите по дух и знаење, говорат и албански и грчки. Но, нашиот мајчин јазик е посебен. Тој не е ист со бугарскиот јазик. Неговата „посебност” не ја прави фактот дека е меѓународно признаен како посебен јазик. Заев веројатно не знае кои се главните карактеристики што го чинат нашиот македонски јазик посебен, ама и прекрасен. Треба да најде време внимателно да ги прочита Мисирков и Конески. Да поучи малку граматика. Да се освести. Но, тоа е проблем што Заев треба да го реши со самиот себе, а не на преговарачката маса во Софија.

Крајно време е своите идеи за решението на спорот со Бугарија  премиерот Заев да ги сподели со македонската јавност, со својот народ. Така е сепак најдобро. Ако тие идеи се добри и ако навистина не го засегаат македонскиот национален идентитет, лидерот на СДСМ нема од што да се плаши. Од народот и од сите политички фактори ќе добие поддршка.

Но, се сомневам дека сепак се преговара за идентитетот, за јазикот, за нашата национална посебност и самобитност, за нашите корени, но и за нашата иднина. Тоа се прашања за кои Заев нема мандат да преговара со никого. Никој нема таков мандат.

Да повторам, за да биде кристалнк јасно, а Заев конечно да сфати – ние ги разбираме манипулациите на кои можеби и тој им кумува. Тезите „еден јазик, два признати” и  „двајца браќа, еден татко” се варијации на тезата „еден народ, две држави”. Прифаќањето на овие тези значи директно и грубо негирање на идентитетит на македонската нација.

Тоа во Македонија нема да помине. Дури мислам дека нема да помине ни во Софија.

Поврзани содржини