Може ли Чаир да биде политички гробар на Али Ахмети?

Со кандидирањето на Бујар Османи, човек со многу поматен бекграунд отколку заслуги, ДУИ се обидува да ја врати во посед последната голема тврдина. Но, пораз на Османи во Чаир ќе биде лична пресуда за Али Ахмети. Зашто вистинската битка не е меѓу Бујар Османи и Изет Меџити, туку меѓу Ахмети и неговата сопствена истрошена ера.

1,131

Она што на прв поглед изгледа како локална изборна трка за градоначалник на општина Чаир всушност е многу повеќе од тоа. Чаир одамна не е само хаотично урбана општина во срцето на Скопје, туку симбол и мерка на политичката тежина на албанските партии во Македонија. Тој стана арена со регионални импликации, место каде што ќе се мери вистинската сила на албанските партии. Тука ќе се одлучи кој ќе биде главниот политички играч на Албанците во Македонија. Победата или поразот во Чаир имаат значење што се протега далеку надвор од границите на Република Македонија, сè до Тирана, Приштина, Белград, Загреб, Вашингтон и пошироко.

За Демократската унија за интеграција Чаир отсекогаш бил бастион и симбол на непобедливост. Али Ахмети и неговите луѓе со години се потпираат на оваа општина како на клучен аргумент за својата легитимност кај албанските гласачи. Но, таа непобедливост не се градеше врз вистински резултати кон граѓаните, туку преку клиентелистички мрежи, партизација, корупција и злоупотреба на институциите. Ахмети умешно го користеше Чаир како витрина на својата моќ, додека зад кулисите толерираше коруптивни практики и урбан хаос, кој најмногу ги погоди токму жителите што со години му даваа доверба.






За волја на вистината, во тоа сесрдно му помагаа поранешните премиери и партиски лидери Груевски, Заев и Ковачевски. Тие свесно ставаа превез врз очите и затки во ушите. Молчеа како риби на суво, иако одвреме-навреме знаеја дури и да ја пофалат неговата наводна ,,лојалност“.

И затоа Чаир не напредуваше. Напротив, стана најдобар пример за тоа како еден партиски лидер умешно го искористи клиентелизмот на сопартијците и личната жед на коалициските партнери за да се одржи на власт.

Со кандидирањето на Бујар Османи, човек со многу поматен бекграунд отколку заслуги, ДУИ се обидува да ја врати во посед последната голема тврдина. Но, пораз на Османи во Чаир ќе биде лична пресуда за Али Ахмети. Зашто вистинската битка не е меѓу Бујар Османи и Изет Меџити, туку меѓу Ахмети и неговата сопствена истрошена ера. Ахмети одамна го изгуби Гостивар. Потоа и Тетово. А Струга е на стаклени нозе. Чаир може да биде последниот удар кој конечно ќе го симне од престолот. Затоа овие локални избори не се само уште една обична трка. Тие се политички референдум: дали граѓаните ќе му дозволат на Ахмети и понатаму да се крие зад уцените со „мирот“ и празните пароли за „стабилност“, додека неговите пулени безочно го празнат државниот буџет? Или конечно ќе му ја испратат сметката за сите овие години.

Изет Меџити не е кој било. Тој е некогашен близок соработник и основач на ДУИ, кој денес со Вреди сериозно го разнишува монополот. Ако победи Меџити, тоа ќе значи крај на ерата на Ахмети и почеток на ново поглавје во албанската политика во Македонија. Подобро или полошо, тоа допрва ќе го видиме. Ако, пак, победи Османи, ДУИ ќе преживее уште еден мандат. Но, цената ќе ја платат граѓаните: уште четири години во истиот гнил систем, уште четири години Чаир како партиска каса и алатка за лични профити.

Токму затоа Чаир треба и може да стане местото каде што ќе заврши една ера на лична политичка доминација. Место од кое граѓаните конечно ќе почнат да го пишуваат крајот на приказната за непогрешливиот „командант“.

За Вреди и за Изет Меџити, ова е моментот да покажат дека се современа, европски ориентирана демократска алтернатива. Вленџиите мора да сфатат и на дело да покажат дека нивната прва и основна одговорност е иднината на Република Македонија и нејзините граѓани. Само потоа може да очекуваат поддршка од Албанија и од Косово. Тие својата политичка сила и легитимитет го црпат од успехот дома, во Скопје, Чаир, Тетово, Сарај, Охрид, Струга, Дебар и во целата држава. Секое испревртување на приоритетите би било погубно за нивната иднина, многу повеќе отколку онаа на Ахмети.

Македонија ќе продолжи да функционира со или без нив, бидејќи расте нова генерација политичари и лидери во сите етнички групации. Тоа се луѓе на кои приоритет им е државата во која се родиле, во која сакаат да живеат и да се однесуваат според европски стандарди и вредности. А тоа, меѓу другото, значи зачувување на унитарниот карактер на државата, доследно почитување на државните симболи, институциите, законите и сè друго.

Затоа, секој политичар и функционер на Вреди мора јасно и јавно да покаже лојалност кон државата и да биде пример и промотор на единството и на соживотот. Само со таков пристап може да се изгради доверба меѓу заедниците и да се обезбеди долгорочна стабилност. Некоректно е, но и се граничи со безумие кога тетовскиот градоначалник во Тетово им се умилкува на Македонците за нивните гласови, а во Брвеница да се бори против македонскиот (вмровскиот) кандидат за градоначалник и тоа со помош на гласовите од ДУИ, неговиот досегашен најголем непријател. Исто така неприфатливо и недозволиво е т.н „Оџа од Ларце“, јавно на отворање на штаб на Вреди во центарот на Тетово, да пропагира националистички албански тези на штета на Македонците.  Добиената шанса да се биде доминантен албански играч на политичката сцена мора да трае подолго од ерата на Ахмети и вакви изливи на етнопатриотизам и национализам не се потребни. Затоа ум во глава, рационално и фер однесување и со коалициониот партнер и со граѓаните на Република Македонија.

Овој текст доволно јасно покажува дека досегашните политичари се минато. Сегашниве или ќе го сменат курсот и ќе се однесуваат европски и сожителски или уште на старт ќе добијат црвен картон. Локалните избори се на прагот и се надевам дека на крајот ќе ги потврдат моите зборови и желби наведени во оваа колумна.

Политичарите кои се на чело на државата мора да знаат дека само со холистички пристап кој ја спојува политичката одговорност и лојалност, институционалната стабилност, социјалниот и економскиот развој, Република Македонија може експресно да напредува. Ние сме само еден кварт од големите светски градови и жално е да не можеме да се усогласиме и заеднички да функционираме многу подобро отколку досега во интерес на сите нас.

Поврзани содржини