МОЖЕ ЛИ БРИШЕЊЕТО НА КРИТЕРИУМОТ „20%“ ДА НИ ГИ СМЕНИ ЖИВОТИТЕ? Со внесувањето на албанскиот јазик во Уставот ќе се заокружи процес стар 22 години

Отфрлањето на формулацијата „20%“ и прифаќањето на „албанскиот јазик“ во македонскиот Устав не е ништо ново во смисла на практична примена, туку на некој начин ќе значи заокружување на еден процес кој е започнат уште пред повеќе од 20 години, а кој никогаш не е завршен, објаснува Имер Селмани, поранешен пратеник, министер за здравство и претседателски кандидат.

12,257

Албанските партии во земјава силно притискаат да се отстрани формулацијата „20%“ од Уставот, а на нејзино место да биде вметнат „албанскиот јазик“, кој, на тој начин официјално би станал службен јазик во Македонија и би бил рамноправен со македонскиот јазик.

Но, освен сатисфакцијата и задоволството кај албанскиот народ, што друго би се сменило во пракса? Што би значело бришењето на „20%“ ако се знае дека токму таа формулација произлезе од Охридскиот рамковен договор во 2о01 година и е направена во прилог на Албанците во Македонија?






Дали ако се изземе критериумот „бројност“, тогаш сите етнички заедници кои се и кои ќе бидат наброени во Преамбулата ќе добијат право за целосно јазично институционализирање?

Одговори на овие прашања побаравме од истакнати политичари, експерти, универзитетски професори, филозофи…

„20%“ е резултат на страв?

Поранешниот пратеник, министер за здравство и претседателски кандидат, Имер Селмани, за Плусинфо смета дека отстранувањето на формулацијата „20%“ ќе значи само затворање на еден процес кој е отворен пред повеќе од две децении.

Суштината е да не бидеме бројки или проценти, туку да се каже јасно и гласно дека се работи за албанскиот јазик. Ова е еден психолошки и емоционален момент

Имер Селмани Поранешен пратеник, министер за здравство и претседателски кандидат

– Кога пред дваесетина години се смени Уставот, веднаш по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, јасно беше дека формулацијата „20%“ се однесува на Албанците. Меѓутоа, во тоа време, поради сите компромиси што беа направени од една и од друга страна, веројатно се направила проценка дека директното внесување на албанскиот јазик во Уставот може да предизвика револт кај мнозинското македонско население. Затоа, свесно е направен тој компромис, знаејќи дека се работи за албанскиот јазик. Нема друг етникум во земјава којшто ни од далеку не брои 10%, а не, пак – 20%. А сега, кога ќе погледнеме од денешна перспектива, очигледно е дека и Рамковниот договор и Уставот се во голема мера исполнети. Така што, ова што сега се зборува, односно гласно се размислува или се предлага, не е ништо ново во смисла на практична примена, туку на некој начин ќе значи заокружување на еден процес кој е започнат уште пред 2 децении. Ако тогашните договарачи срамежливо ја создале формулацијата „20%“, сега веќе јасно им е на сите дека таа формулација се однесува на албанскиот јазик – посочува Селмани.

Единствената цел на тие што размислуваат за бришење на формулацијата „20%“, додава Селмани, е само еден континуитет во формално заокружување на тоа што е започнато во 2001 година.

– Суштински, ние имаме Закон за употреба на јазиците кој извира од Охридскиот рамковен договор, којшто, за жал, сѐ уште се потпишува како Закон на „20%“. И тука повеќе се гледа лошото чувство кај Албанците во земјава кои прашуваат „зошто треба да се срамиме“ и „зошто не се пишува албанскиот јазик кога сите знаеме дека формулацијата се однесува на албанскиот јазик“. Суштината е да не бидеме бројки или проценти, туку да се каже јасно и гласно дека се работи за албанскиот јазик. Ова е еден психолошки и емоционален момент – објаснува Селмани.

Процентот може да ни создаде проблеми

Професорот по уставно право на Универзитетот на Југоисточна Европа Јетон Шасивари за Плусинфо вели дека замената на формулацијата „20%“ со „албански јазик“ претставува формално и суштинско прашање.

– Од формален аспект, формулацијата „20%“ ќе се идентификува со конкретен јазик и писмо, а од материјален аспект ќе има влијание на употребата на албанскиот јазик во секојдневната практика. Од уставен аспект, сметам дека постојат услови да се извршат такви измени во нормативниот текст на Уставот. Условите се создадени во текот на изминатите 20 години и тука нема ништо страшно или непотребно. Добро е во Уставот да се внесе конкретен јазик и писмо, бидејќи формулацијата „20%“ во иднина може да создаде проблеми. Што ако по неколку години некој друг етникум го достигне процентот и би го исполнил уставниот услов за и тој јазик да биде службен јазик во Македонија? – забележува професорот.

Во споредбените уставни модели, посочува тој, многу голема реткост е процент да се употреби како формулација во Уставот.

– Вообичаено, јазикот и писмото влегуваат во Уставот и се идентификуваат под своето целосно име и презиме, а секако, се наведува и нивото на употреба – дали е јазик за службена употреба во рамки на државната власт или на локалната власт. Ова наше решение од пред 20 години е реткост, а самиот тој процес сѐ уште не е затворен. Сметам дека сега е време да се заврши таа работа – ни изјави Шасивари.

Џентлменски потег

Универзитетскиот професор, филозоф и публицист Ферид Мухиќ, во разговор за Плусинфо вели дека проблемот не е воопшто во опасноста дека утре може да се појави некој друг народ кој ќе го надмине процентот „20%“, туку проблемот е во промената на статусот.

Признавањето на албанскиот јазик е цивилизациски и џентлменски потег. Но, треба да се изнајде извесна формула која ќе го задржи мајоритетот на македонскиот јазик, бидејќи, за жал, колку и да е благородна идејата за билингвални заедници, сепак тоа води кон слабеење на внатрешната кохезија на кое било општество

Ферид Мухиќ Универзитетски професор, филозоф и публицист

– Со направената промена, согласно сите правни документи, албанскиот јазик станува рамноправен со македонскиот јазик. Затоа албанските политички партии инсистираат анонимната формулација „20%“ да се замени со албанскиот јазик. Таквиот потег нема да направи никаква штета, но затоа, пак, директно навлегува ви примарниот легат на државата. Проблемот е во статусот и автоматски се поставува прашањето дали освен име и презиме, албанскиот јазик во земјава ќе добие и рамноправен статус? И тука нема никаква конкретна штета. Има една психолошка афирмација, односно сатисфакција кај Албанците, но ќе има и незадоволство кај Македонците. Внесувањето на Бугарите, исто така, не е таксативно да ги спомнеме во Уставот, туку треба да ги признаеме како конститутивен народ. И јас не знам зошто постојано го кријат овој податок. Не е важно дали се тројца, 30 или 3.000 Бугари, ама кога ќе ги заведеш како конститутивен народ, тоа значи дека си им дал рамноправен статус. Тука лежи зајакот – вели Мухиќ.

Во однос на признавањето на албанскиот јазик, односно бришењето на формулацијата „20%“, Мухиќ смета дека тоа е еден фин и џентлменски потег без никакви комплекси и без претерана пречувствителност.

– Сите знаеме дека формулацијата се однесува на албанскиот јазик, па што е тука проблемот? Признавањето на албанскиот јазик е цивилизациски и џентлменски потег. Но, треба да се изнајде извесна формула која ќе го задржи мајоритетот на македонскиот јазик, бидејќи, за жал, колку и да е благородна идејата за билингвални заедници, сепак тоа води кон слабеење на внатрешната кохезија на кое било општество. Погледнете ги само САД, каде што живеат околу 20 милиони Руси, околу 35 милиони потомци на Германците, а да не зборуваме за Шпанците. Ама таму, секому му е дозволено да зборува на својот мајчин јазик, ама само дома. Правото на користење на свои јазици е цивилизациска придобивка, но оди на штета на интеграција и кохезивност на граѓаните во една држава – објаснува Мухиќ.

Да внимаваме со критериумот „бројност“

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски смета дека отстранувањето на формулацијата „20%“ од македонскиот Устав не значи дека ќе ги зголеми јазичните права на Албанците во земјава, но, како што вели, бришењето на критериумот „бројност“ може еден ден да ни се удри од глава.

Многу поголем проблем е отстранувањето на критериумот „бројност“, бидејќи тоа и де факто е поништување на Охридскиот рамковен договор, бидејќи одредбата „20%“ е клучна за ползување на етнолингвистичките права

Благојче Атанасоски Политички аналитичар

– Веројатно се работи за некаква сатисфакција или, пак, за некое ново етничко барање на помалите етничко албански политички партии во Македонија, врз база на етнонационален предизборен популизам. Во суштина, бришењето на формулацијата „20%“ од Уставот нема да ги зголеми јазичните права на Албанците во земјава, ама е еден вид лингвистичка еквилибристика која во овој момент само ќе дотури масло на огнот, секако, доколку оди во пакет за менување на Уставот заедно со вметнувањето на Бугарите во него. Многу поголем проблем е отстранувањето на критериумот „бројност“, бидејќи тоа и де факто е поништување на Охридскиот рамковен договор, бидејќи одредбата „20%“ е клучна за ползување на етнолингвистичките права. Ако се изземе критериумот „бројност“, тогаш сите етнички заедници кои се и кои ќе бидат наброени во Преамбулата ќе добијат право за целосно јазично институционализирање – објаснува Атанасоски.

Тој појаснува дека самата формулација „20%“ е всушност измислена во полза на Албанците во Македонија.

– И не само за Албанците, туку и за сите други народи чија бројност изнесува над 20%. Сепак, тие 20% се и еден вид институционален фелер од Охридскиот рамковен договор, бидејќи, хипотетички гледано, ако на некој иден попис Албанците во Македонија паднат под 20%, дали тоа значи дека ретроактивно ќе треба да им се одземат сите досегашни стекнати права? Се разбира, сите знаеме дека во реалноста тоа не е возможно – вели Атанасоски за Плусинфо.

Поврзани содржини