МОЖЕ ДА СМЕНИШ ПРЕТСЕДАТЕЛ, НО НЕ И ГРАДОНАЧАЛНИК НА КУКУРЕЧАНИ Професор Давитковски за апсурдите на македонскиот политичко-правен систем
Постојат само две категории лица во нашава таканаречена држава кои се недопирливи – тоа се градоначаник и пратеник. Ако сами не си дадат оставка, никој не може да ги смени од функција – вели Давитковски.
Во нашиот политички систем, само Господ може да смени градоначалник – вели Борче Давитковски, професор по административно право и јавна администрација на Институтот за правно-политички науки, на прашање дали во нашиот систем постои законска можност за отповикување градоначалник од функцијата.
– Никаква. Само Господ може да го земе. Само ако направи кривично дело, да биде осуден на ефективна казна затвор повеќе од шест месеци. Ниту има импичмент за градоначалник. Знаете, има можност за импичмент за претседател на државата, со двотретинско мнозинство во Парламентот, потврдена потоа од Уставниот суд. Значи, постојат само две категории лица во нашава таканаречена држава кои се недопирливи – тоа се градоначаник и пратеник. Ако сами не си дадат оставка, никој не може да ги смени од функција – вели Давитковски.
Тој е кагегоричен дека градоначаник тешко е да се смени „екс леге“, зашто дури и да му биде поднесена кривична пријава, како што вели, „со нашево судство може да му поминат три мандата додека биде осуден“.
Конфликтот помеѓу градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и неколку директори на јавни претпријатија, која таа ги именувала, кој заврши со нивни разрешувања или оставки, поттикна некои правници да го постават прашањето за можноста за нејзинот отповикување.
Скопскиот адвокат и поранешен судија Владимир Туфегџиќ смета дека овој актуелен конфликт
покажува дека треба да постои законска можност за отповикување на градоначаник.
„Референдум за доверба на избран градоначалник е нужно и итно потребно законско решение“ – напиша Туфегџиќ на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Професор Давитковски потсетува дека 20 година и самиот зборува за таква потреба.
– Занам зошто ме прашувате, а знаете ли што ќе биде? На пример, кога ќе се усвојува завршната сметка, нема да гласаат ниту советниците на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ, како во Тетово што беше, и таа ќе придонесе по сила на Закон да се распушти Советот на Град Скопје, да има нови избори, а таа ќе си ужива. Е, тоа е за жал. Има 20 години како зборувам, еве точно во 2002 се донесе Законот за локална самоуправа, дека нема логика да можете да разрешите претседател на државата, а некој градоначаник на Кукуречани, Новаци или било која општина, да не можете да го разрешите, со никаква иницијатива, ниту со референдум, никој со ништо да не може да го разреши. Тоа е за жал вистината – вели професор Давитковски.