МОТОРЏИИ ВО БИТКА СО ОГНЕНАТА СТИХИЈА „Ендуро Тим – Делчево“ стаса до најнепристапните предели
Членови на „Ендуро Тим - Делчево“ во текот на целиот ден доставуваа храна и пијалаци на најодалечените и најнепристапните места, како и непрекинато вршеа достава на грбни пумпи со вода, со цел огнената стихија да се стави под контрола.
Моторџиите од мото клубот „Ендуро Тим – Делчево“ се вклучија во борба против пожарите во делчевскиот регион разнесувајќи храна и пијалаци на непристапните места каде пожарите дивеат, а на својот Фејсбук профил објавија и фотографии од местото каде се одвива огнената стихија.
Храбрите херои кои секојдневно се справуваат со пожарите во селата од делчевскиот регион – Стар Истевник, Нов Истевник, Тработивиште, Вирче – вчера добија помош од мото клубот „Ендуро Тим – Делчево“, кои неуморно во текот на целиот ден доставуваа храна и пијалаци на најоддалечените и непристапните места каде огнот напаѓаше.
Покрај тоа што разнесуваа потребни ресурси за борците од првите редови да можат да ги издржат часовите кои следат, тие им помагаа и со доставување на грбни пумпи со вода, за да се стават под контрола опожарените предели што поскоро.
Пожарите низ Македонија дивеат од ден на ден, а против нив, покрај тоа што се борат пожарникарските екипи, армијата и полицијата, доброволно помагаат и граѓаните кои живеат во засегнатите предели, како и од територијата на целата земја.