МОРА ДА ИМА ОДГОВОРНОСТ ЗА МОДУЛАРНАТА ВО ТЕТОВО Обвинителството да отвори истрага за Филипче, порача ВМРО-ДПМНЕ

154

Аферата „Провизии кои чинат животи” го покажа криминалот и корумпираноста на Венко Филипче, кои државата ја чинеа 14 живи изгорени луѓе во Модуларната болница во Тетово. Претседателот на СДСM, Венко Филипче додека беше министер за здравство се грижел само за профит, кој го добивал од провизиите од матните наместени тендери, обвини ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

„Еден од тие тендери е тој за изградба на 16 модуларни болници за време на корона периодот, кои, впрочем, биле набавени како стоки од леснозапалив материјал. Помина веќе една недела откако почнавме со објавување на сознанијата и информациите кои стигнаа до нас, и кои Филипче го посочуваат како главен виновник за пожарот во тетовската модуларна болница. Но, Јавното обвинителство како институција која треба да ги истражи сите овие наводи, никаде го нема. Иако обвинителството има институт ‘допрен глас’ за што има обврска да постапува по јавно објавени информации за криминални дејствија, на очиглед на целата јавност, тоа се прави и глуво и слепо. Она што до сега го обелодени аферата ‘Провизии кои чинат животи’, е дека Филипче дозволил изградба на модуларни болници без огноотпорни материјали и дека тој лично ја правел тендерската спецификација за изградба на модуларната болница во Тетово. Постои сведоштво дека, Филипче, надвор од сите законски правила, подготвената од него спецификација, ја доставил до одговорното лице за набавката“, се вели во реакцијата.






Знаејќи дека е криминална и несоодветна за извршување на здравствена дејност во која треба да се лекуваат тешко болни пациенти, тогашниот директор на тетовската болница одбива да ја прими и да ја пушти во употреба модуларната, наведено е таму.

„За да се спаси од одговорност, кратко после трагедијата, додека Македонија сè уште тагувала и била во шок, Венко Филипче побрзал да го анексира договорот за градба на модуларните, со цел да се отстранат аномалиите кои сам ги дозволил. Мислејќи на профитот и на него омилените провизии, во анексот на договорот, Филипче предвидел дополнителна провизија од 20%, односно за толку ја зголемил цената на чинење на проектот. За ваквото криминално работење на Филипче беа свесни и вработените во министерството за здравство, така што по неговото заминувањето одбивале да ги потпишат документите за штетните договори и анекси. Сите овие јавно изнесени информации ги поседува и Јавното обвинителство кое избрало да молчи, наместо да постапува. Затоа го повикуваме да не го штити Венко Филипче, туку за него да отвори истрага, затоа што аферата ‘Провизии кои чинат животи’ не смее да се заташка. Одговорност мора да има“, се вели во партиското соопштение.

Поврзани содржини