МОРА ДА ГИ ПРОДЛАБОЧИМЕ ЕКОНОМСКИТЕ И КУЛТУРНИТЕ ВРСКИ Муцунски за „Та Неа“ ѝ се заблагодари на Грција за поддршката за трагедијата во Кочани
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во интервју за грчкиот дневен весник „Та Неа“ зборуваше за билатералните односи меѓу двете земји, поддршката по трагедијата во Кочани, како и за регионалната стабилност и безбедност и заедничките предизвици и приоритети во рамките на НАТО Алијансата.
Муцунски, како што инфомриаат од МНРиНТ, во интервјуот истакнува дека трагедијата во Кочани е една од најтешките со кои се соочила државата во поновата историја, нагласувајќи дека европското единство повторно излезе на површина, а Механизмот за цивилна заштита на ЕУ се покажал како клучен инструмент за справување со последиците од оваа катастрофа. Тој во интервјуто ја повтори благодарноста до грчката влада и до грчкиот народ.
– Грчките болници ги примија првите пациенти евакуирани од нашата земја и продолжуваат да им обезбедуваат врвна нега. Поддршката во вакви моменти претставува силен одраз на вистинско пријателство меѓу нашите две земји – однос што мора да продолжиме да го негуваме и градиме – истакна Муцунски.
Осврнувајќи се на билатералните односи, министерот ја истакна средбата со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис на маргините на Генералното собрание на ОН во септември 2024 година, како значаен чекор во зајакнувањето на дипломатскиот ангажман.
– Постои голем потенцијал за проширување на соработката – во трговијата, инфраструктурата и енергетското поврзување. Но, мора да ги продлабочиме и врските во областа на економијата и културата, каде што меѓусебното разбирање и заедничкиот развој можат да создадат долгорочна доверба и просперитет. Поттикнување на деловни партнерства, туризам, студентски размени и културни програми може уште повеќе да ги приближи нашите народи. Како НАТО-сојузници и непосредни соседи, имаме заеднички интерес за зајакнување на регионалната стабилност и просперитет – особено преку целосна регионална интеграција во Европската Унија – вели Муцунски.
Говорејќи за односите помеѓу двете држави, Муцунски во интервјуто оценува дека македонската влада е цврсто посветена на одржување одлични односи со сите наши соседи, а трагедијата во Кочани уште еднаш покажала колку е важна оваа соработка.
Во делот посветен на актуелната геополитичка состојба и партнерството во рамките на НАТО, министерот го нагласил значењето на единството меѓу сојузниците во услови на зголемени безбедносни предизвици.