МОРА ДА ЈА ИСКОРЕНИМЕ КОРУПЦИЈАТА ЗА ДА ВЛЕЗЕМЕ ВО ЕУ Мицкоски посочи дека обвинителството и судството се неефикасни и под политичко влијание
Ако сакаме во Европската Унија, ако сакаме раст, мора да го урнеме тој систем. Имаме наследени ситуации во кои граѓанинот се чувствува понижен, беспомошен, принуден да „плати за да добие“ - било тоа лекарска помош, правна заштита или некаква административна услуга. Таква држава не може да напредува, посочи премиерот Христијан Мицкоски.
Државата е на раскрсницата помеѓу стариот систем и новата европска иднина. Планот за раст и Реформската агенда не е само услов за интеграција. Таа е инструмент за оздравување на нашето општество. Интеграциите и растот се наш компас, но реформите мора да бидат наши одлуки, наши политики, наше национално зреење. Корупцијата е системски проблем, не индивидуална девијација, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски на Тркалезната маса за предизвиците и придобивките од Планот за раст за Западен Балкан.
Мицкоски рече дека корупцијата кај нас не е само појава, туку дел од начинот на функционирање на одредени делови од општеството и систем кој се штити сам себе.
– Ако сакаме во Европската Унија, ако сакаме раст, мора да го урнеме тој систем. Имаме наследени ситуации во кои граѓанинот се чувствува понижен, беспомошен, принуден да „плати за да добие“ – било тоа лекарска помош, правна заштита или некаква административна услуга. Таква држава не може да напредува – рече премиерот.
Според него, уште позагрижувачки е што институциите, кои треба да се борат против корупцијата – обвинителството и судството – честопати се неми, неефикасни или, пак, под политичко влијание.
Мицкоски рече дека реформите во правосудниот сектор се најитни и оти без нив, сите други реформи се безвредни.
На Тркалезната маса што се одржува во Владата зборуваа и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, амбасадорот на Шведска во Северна Македонија Ами Ларсон Џаин и Владимир Дробњак, поранешен главен преговарач за пристапните преговори на Хрватска со Европската унија – експерт на УНОПС.