Нови лекции од понеделник до петок, а за викендите – тестови!

Изведување настава за време на неработен ден, односно сабота, може да се реализира само со претходно добиено мислење, односно решение, со точно утврдени часови, односно денот кој се одработува, како и часовите предвидени по распоредот на учениците, велат од Министерството за образование.

6,585

Кога работните денови преку неделата не им се доволни на некои наставници да го предадат новиот материјал и истовремено да ги оценат учениците кои следат онлајн-настава поради пандемијата со коронавирусот, тогаш тие го активираат планот „Б“, односно искористуваат ден од викендот.

Но, ваквата нивна снаодливост не им се допаѓа баш најмногу на учениците и на родителите, кои велат дека викендите им се повеќе од потребни за одмор по тешката недела преполна со обврски.






Ученик во скопска гимназија за Плусинфо раскажува дека минатата сабота целото одделение решавало тест по физика, оти, како што им образложил професорот, немало доволно време за заклучување на полугодишните оценки.

– Во петокот ни соопштија дека следниот ден, сабота, ќе правиме тест по физика. Свесни сме дека владее пандемија и дека токму поради коронавирусот беше сменет целиот образовен концепт, но не е во ред и за викендите да имаме училишни обврски. Како да се малку лекциите по сите предмети што треба да ги учиме во текот на викендите, па сега уште и тестови ни даваат да решаваме. А што ако немаше пандемија и не следевме онлајн настава? Зарем ќе одевме на училиште во сабота за да правиме тест по физика? Не е логично. Но, очигледно никој не ги контролира професорите, па тие си прават онака како што лично најмногу им одговара. Саботите и неделите се наменети за одмор од напорната недела – вели ученикот.

Родител на ученик во седмо одделение во едно основно училиште во Ѓорче Петров, пак, раскажува дека неговото дете минатата недела добило задача да нацрта цртеж по ликовно, а цртежот, од кој најмногу зависела полугодишната оценка на детето, требало да биде испратен на наставникот во недела, и тоа во период од 9 часот наутро до 15 часот попладне.

– Не гледам проблем во тоа да им се даде задача на учениците во текот на неделата. Ете, на мојот син му беше кажано да нацрта цртеж по ликовно и тој го стори тоа. Но, проблемот е во тоа што наложено ни беше фотографија од цртежот да му испратиме на наставникот во недела од 9 до 15 часот. Значи, не во петок или во понеделник, туку исклучиво во недела. Јас навистина не гледам причина зошто оценката мора да се стави токму во недела – објаснува нашиот соговорник.

Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека наставната недела трае од понеделник до петок, а доколку некаде не се почитува ова правило, велат оттаму, тогаш учениците или родителите треба да поднесат претставка до Државниот просветен инспекторат.

– Наставната недела трае од понеделник до петок. Изведување настава за време на неработен ден, односно сабота, може да се реализира само со претходно добиено мислење, односно решение, со точно утврдени часови, односно денот кој се одработува, како и часовите предвидени по распоредот на учениците. Во споменатиот случај ги упатуваме граѓаните да поднесат претставка до Државниот просветен инспекторат за да се утврдат причините. Исто така, мораме да напоменеме дека Наставната програма за учебната 2020/2021 година се одвива по скратена програма – велат од МОН.

Поврзани содржини