МОН ГО БРИШЕ РОДОВИОТ ИДЕНТИТЕТ КАКО ДИСКРИМИНАТОРСКА ОСНОВА, СДСМ СЕ ПРОТИВИ Николова бара да се повлечат измените на Законот за основно образование
Со законските измени се врши дискриминација на децата со попреченост, тие водат кон враќање на специјалните училишта и го враќаат стресот кај родителите околу достапноста на образовните асистенти, вели пратеничката од СДСМ Даниела Николова.
Законот за основно образование, ваков каков што е поднесен, врши дискриминација на децата со попреченост, води кон враќање на специјалните училишта и го враќа стресот кај родителите околу достапноста на образовните асистенти, па затоа овој закон мора да биде повлечен и доработен во насока на вистинска инклузија и развој на децата со попреченост, побара пратеничката од СДСМ Даниела Николова.
– Козметички интервенции за да се прикаже инклузивност не е исто како и уважување на укажувањата на меѓународните организации и стручните тела. Оспорувањето на инклузијата на учениците со попреченост е неприфатливо. Комисијата за заштита од дискриминација посочи дека предложените измени се спротивни на концептот на инклузивно образование. Наместо унапредување, овие измени значат враќање кон специјалните училишта, со што се ограничуваат можностите за еднаков развој и учество на децата со попреченост – рече Николова.
Владата, додаде таа, не го прифати нашиот амандман за вработување на образовните асистенти на неопределено време, со што ќе се гарантираше континуитет и ќе се спречеше стресот за децата и родителите секоја година.
– Децата не смеат да бидат поделени по ниеден основ. Нашето општество не смее да се враќа назад. Сите деца се наши деца. Ниедно дете не смее да биде дискриминирано – рече пратеничката.
Според СДСМ, загрижува одлуката да се избришат термините „род“, „родова еднаквост“ и „родов идентитет“ како дискриминаторски основи.
– Ова не само што е спротивно на Уставот и меѓународните обврски на државата, туку создава простор за насилство и за дискриминација, особено во училиштата, кои треба да бидат најбезбедни за децата. Ја повикуваме министерката Весна Јаневска да го повлече предлог законот за основно образование и заедно со стручната фела да го подобриме текстот и да ги заштитиме сите деца. Ние сме спремни да се вклучиме во таков процес – реле Николова.
Таа ја повикуваме претседателката Гордана Сиљаноска Давкова како застапничка за еднаквост, родова рамноправност и за недискриминација, да се вклучи и да се бори за правата на децата со попреченост и за нивното право на образование.
– Да не се враќаме цел век наназад. Образованието мора да биде инклузивно, праведно и безбедно за сите деца. Да ги заштитиме и да обезбедиме иднина која ќе биде подобра за сите – повика пратеничката од СДСМ, Даниела Николова.