МОЛКОТ Е НЕПРОСТЛИВ ГРЕВ Новиот роман на Лидија Димковска е карикатура на отуѓеноста која го заразува светот

Романот на Димковска е карикатура на изгубените и нарушени семејни вредности, на отуѓеното општество кое е заинтересирано само за профит, на изгубените поединци кои се чувствуваат како да заталкале во овој свет кој веќе не го познаваат и признаваат за свој.

637

Дали отуѓувањето е неизбежно? Како да се инвестира во зближувањето? Дали блискоста е нешто кон што треба да се стремиме или осамата е таа што треба да ја достигнеме?

Дали е доволен еден просечен животен век за да се запознаеме со родителите, децата, со самите себе? Како да комуницираме кога зборот е заглавен во грлото, кога мислата е вкаменета во сеќавањата, кога нема виша сила да нѐ придвижи кон другиот и да го изговори наместо нас она што нѐ клука, и да го оствари тоа што го живееме во нашите најубави фантазии?






За некои од овие дилеми зборува Лидија Димковска во својот најнов роман „Единствен матичен број“ објавен неодамна во издание на „Три“.

Младата скопјанка Катерина низ еден вид дневник раскажува за своето необично семејство – себична и немтуреста мајка која на сѐ наоѓа замерка, татко-бегалец од Кипар кој не ѝ се спротиставува на сопругата и го бара излезот во пустелија (својата гаража), деца кои проценуваат дека подобро е да се игнорира сето тоа и да не се долева масло на семејниот оган.

Ваквата поставеност на сопружниците ги нарушува целосно семејните односи кои не може да ги исправи ниту едно психолошко советувалиште зашто ликовите ги сфатиле како доживотна казна и само трпат ли трпат, како да тоа ќе ги искупи и конечно ќе ги спаси.

Преку раскажувањето на Катерина дознаваме дека нејзините родители се запознале на Кипар, каде мајка ѝ Милка била на сезонска работа. Летото 1974 година кога на Кипар почнале инциденти и на жителите им било наредено да ги напуштат домовите, таткото на Катерина, Никос Аврам, избегал заедно со неговата тогашна девојка Милка. Не го побарал своето семејство и никогаш ништо не дознал за мајка му, татко му и за брат му, а ни тие за него. Со Милка, Никос избегал во Македонија каде за прв пат добил единствен матичен број.

Иако како плод на нивната љубов добиле две деца, тие двајцата никогаш не воспоставиле партнерски однос меѓу себе, ниту блискост со своите деца. Никос се зближувал со молкот, а Милка со постојаното злобно зановетање. Животот на Никос го обележала реченицата „Човек пустелија да фати“. Таа фраза била двигател за малата Катерина која само во себе си поставувала бројни прашања за семејството на татко ѝ, за тоа зошто тој никогаш не ги побарал и зошто мајка ѝ секогаш само лошо зборувала за нив. Таа фраза ќе ја однесе на конференција во Бристол, каде се барале оние што се загубиле тоа политички жешко лето 1974 година, а потоа и на Кипар, каде ќе ја запознае својата баба, која исто така зборува со молк.

Зошто толку молк? Зошто зборовите не се тркалаат низ устите? Зошто толкава резигнираност кај ликовите, па дури и кај самата Катерина, која нема да се осмели да му каже на татка си дека му го донела омилениот мармалад ниту дека ја пронашла мајка му.

Читателот останува со горчина поради тоа што никој од ликовите не удира на маса „Доста е!“. Зарем немоќта е посилна од дејството, од акцијата, од способноста планини да се поместат во име на љубовта, вистината и правдата?!

Или полесно е секој само да се скрие во својата осама – мајката во егото, таткото во немоќта, децата во безизлезот.

Како што ретко се среќава во книжевноста, ликот на мајката е негативец со нарцисоидно нарушување која ги убива сите надежи дека нештата во семејните односи може да бидат и поинакви, подобри, понежни. Тоа не е мајка која е утеха и прибежиште, тоа е мајка од која се бега. Од која сите сакаат пустелија да фатат.

Паралелно со приказната за животот на семејството Аврам, Димковска во романот раскажува и за тоа каков е животот во Пустелијата – тоа е едно утописко место, каде не важат познатите правила, каде сѐ се одвива по други правила, правила кои уште повеќе ја оддалечуваат личноста од другите, од заедницата, од себе.

Пустелијата како единствен излез од секојдневното животно безредие на главниот лик во романот, од мисловна опседнатост во еден момент станува и нејзин извор на егзистенција. Прво Катерина прави проект во кој истражува за Кипар, а потоа за неизбежната Пустелија. Како антипод на неа Катерина ќе ја заинтригира комуната како облик на заедница за живот. А, извитопереноста на модерното општество оди дотаму што од сѐ може да се направи бизнис, па така и Пустелијата може да се монетаризира. Се создава проект во Македонија во некое затурено место, какви што има многу, да се отвори Пустелија каде на конкурс ќе се пријават тие што сакаат да одат во неа.

Романот на Димковска е карикатура на изгубените и нарушени семејни вредности, на отуѓеното општество кое е заинтересирано само за профит, на изгубените поединци кои се чувствуваат како да заталкале во овој свет кој веќе не го познаваат и признаваат за свој.

И што да се стори? Катаразата што ја доживува читателот предизвикана од немоќта и од неактивноста на ликовите, не го остава рамнодушен. Тој сфаќа дека во животот непростливо е да не се делува, да не се зборува; дека животот е движење, дејство, акција, побуна, промена и хумана сатисфакција. Дека животот не е нешто од кое треба да се фаќа пустелија, туку соочување со секоја замка, со секоја игра. Дека тоа е единствен начин да се придонесе во борбата против човечкото отуѓување кое сѐ повеќе го обзема светот. Светот кој плаќа висока цена за да биде дом на осаменици кои живеат во виртуелен свет.

Поврзани содржини