МОЛБАТА НА ДИРЕКТОРОТ НЕ ГИ ТРОГНА СОВЕТНИЦИТЕ По втор пат нема субвенции за ЈСП, можен застој на градскиот превоз

Ве замолувам сите, се работи за јавен сообраќај, мора да помогнеме за јавниот превоз да се одржи во кондиција. Доколку не ја донесеме одлуката ќе предизвикаме застој во јавниот превоз. Чесните вработени во претпријатието ќе останат без плата, им рече директорот на ЈСП, Крсте Петревски на советниците.

436

Советот на Град Скопје по втор пат не ги одобри субвенциите во висина од 11о милиони денари кои ги побара Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ без кои претпријатието ќе биде доведено во состојба да не може да ги нуди услугите на скопјани и да им исплати плати на вработените.

Ваквата состојба е поради долгот од Владата, односно, доцнењето на веќе одобрените 360 милиони денари, што со ребаланс на Буџетот е определено да се слеат во касата на ЈСП.






– Како планирате година дена да немате никаква комуникација со советниците? Советниците да немаат никаква информација што се случува, извештаи не добиваат, и одеднаш доаѓате со писмо, ајде сега гласајте за 110 милиони. Да дадеме пари на претпријатие кое нѐ држи во мрак година дена? Срамота е да се помисли дека сега некој со здрав разум ќе крене рака да гласа – изјави советникот Малиша Станковиќ од ВМРО-ДПМНЕ.

Директорот на ЈСП, Крсте Петревски, пред советниците образложи кои трошоци ги има ЈСП, па рече дека најмногу пари одат на нафта – 480 милиони денари до крајот на годината, за антифриз, масло, мазива одат 16 милиони, за електрична енергија 20-22 милиони денари, за парно – 130.000 денари, за метан – 110 милиони денари, за мобилни и интернет речиси 2 милиони денари, има и трошоци за резервни делови, ХТЗ опрема, алат, автогуми, повремени услуги на Агенцијате за вработување – 71 милиони. Дополнително, рече дека годишно ЈСП плаќа 110 милиони за новите автобуси МАН, како и два други кредита од британскиот и јапонскиот клуб.

– Ве замолувам сите, се работи за јавен сообраќај, мора да помогнеме за јавниот превоз да се одржи во кондиција. Доколку не ја донесеме одлуката ќе предизвикаме застој во јавниот превоз. Чесните вработени во претпријатието ќе останат без плата – рече Петревски.

Советниците од СДСМ велат дека и претходниот пат и сега ќе гласаат за исплата на овие субвенции затоа што студентите, пензионерите, вработените, средношколците кои постојано го користат јавниот градски превоз се потпираат на неговата функција.

Сепак, само 22 советници гласаа „за“, додека другите не гласаа.

Претходно пак, советниците одлучија да не доделат субвенции ни за ЈП „Градски паркинг“ од 5.000.000 денари, за изградба на монтажни паркинзи во Центар, Чаир, Кисела Вода и во Аеродром.

Поврзани содржини