„МОЈ ТЕРМИН“ СО НОВИ ПРАВИЛА Ќе се знае точно кој каде треба да оди

Министерот за здравство, Азир Алиу, најави дека се работи на нов, прецизно организиран систем што ќе овозможи побрз пристап до специјалистички прегледи преку „Мој термин“, со јасно утврдени упатни протоколи низ сите нивоа на здравствена заштита.

2,826

Во моментов, 70% од пациентите што се третираат на терцијарно ниво, всушност припаѓаат на секундарното здравство, истакна денеска министерот за здравство, Азир Алиу, повикувајќи се на проценки од стручни медицински експерти. Изјавата ја даде на прес-конференција во Министерството за здравство, одговарајќи на новинарски прашања.

Прашан како може побрзо да се дојде до термини за преглед кај стручни медицински лица и за дијагностика, министерот рече дека во тек е анализа по која ќе следи воспоставување на систем со реални решенија. Новиот систем ќе биде поврзан со „Мој термин“ и со јасно дефинирани протоколи за упатување на пациентите од примарно кон секундарно и потоа кон терцијарно здравство.






– Ќе воспоставиме јасни индикатори за секој доктор, дали ги нуди услугите што се очекуваат од него во примарното и терцијарното здравство, или само ги пренасочува пациентите од примарно кон терцијарно ниво – нагласи Алиу.

Тој појасни дека податоците, што ќе се обезбедуваат во иднина, ќе одговорат на бројни прашања и предизвици во здравствениот систем, со цел подобрување на квалитетот на услугите и подобра грижа за пациентите.

– Истите тие податоци ќе ни дадат и јасна слика за типот на инфраструктура со кој располага здравствениот систем. Во моментов, на пример, немаме целосна слика за човечките ресурси во здравството – посочи министерот.

Тој најави дека веќе се работи на тоа прашање и дека наскоро ќе бидат достапни транспарентни информации за здравствениот кадар.

Министерот повтори и дека секој петок, од 10 до 15 часот, ќе се одржуваат средби од по 15 минути со граѓани кои претходно ќе закажат онлајн. Според него, за наредните три недели, почнувајќи од 4 јули, сите термини веќе се закажани.

Поврзани содржини