МОЈСОСКА ГО КРШИ ЗАКОНОТ ЗА ПРАТЕНИЦИТЕ Таа не смее да биде сметководител на Левица, обвини Манасиевски

Јована Мојсоска, како пратеник, не смеела да остварува профит и да врши сметководствени услуги за Левица, тоа е противзаконски, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

772

Левица призна дека податоците кои излегоа во јавноста се точни, а ако пратеничката Јована Мојсоска била сметководител на Левица тогаш тоа е противзаконски, рече денеска Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

– Вчера од Левица на прес-конференција се излетаа и признаа дека информациите кои ги добивме од свиркачи во Левица, за средствата кои раководството си ги подигнувало од разни причини, се вистинити. Сепак, денеска сакаме да ја прашаме Мојсоска, која исто така се излета и изнесе информација дека била сметководител на Левица, дали знае дека доколку ја говори вистината, актот е противзаконски – рече Манасиевски.






Тој додаде дека со тоа е прекршен Законот за пратениците.

– Имено, во Законот за пратеници јасно е наведено: Член 4: Функцијата пратеник во Собранието се врши професионално. Член 5: Пратеникот нема право да врши други јавни функции или професии, кои согласно со закон се неспојливи со функцијата пратеник. Член 9: Функцијата пратеник е неспојлива со вршењето на дејности со профитна цел. Со тоа станува јасно дека Јована Мојсоска, како пратеник, не смеела да остварува профит и да врши сметководствени услуги за Левица – рече Манасиевски.

Додека на јавноста и се продаваат бајки за чесност, скромност и непоткупливост, зад завесата се инкасирале пари од партиската сметка, сметка која се полни директно од Буџетот на граѓаните, додаде тој.

– Мојсоска како пратеник не смеела да остварува профит како сметководител на Левица. Ова е вистината, од која Левица бега. Вакви луѓе како Мојсоска и Левица, не смеат да бидат дел од иднината и нема место за нив во политиката. Мојсоска и Левица се прочитани – рече Манасиевски.

Поврзани содржини