МНР СО ОСТРА РЕАКЦИЈА ДО СДСМ „Амбасадите не се партиски трофеи, туку државни институции“

Од Министерството посочуваат дека автентичното толкување на Законот е уставно заснована постапка, донесена од Собранието, како единствен орган со надлежност за толкување на законите.

871

Министерството за надворешни работи остро реагираше на прес-конференцијата на СДСМ, од каде беа упатени критики во врска со автентичното толкување на член 39 став 3 од Законот за надворешни работи и изборот на амбасадори. Оттаму порачуваат дека дипломатијата повеќе нема да биде ничија партиска сопственост.

„По години на политичка злоупотреба, ја враќаме дипломатијата на државата – институционално, професионално и во согласност со законот. Нашата цел не е партизација, туку системска професионализација. За првпат по долг период се воспоставуваат јасни критериуми, јавни постапки и механизми за унапредување на кариерните дипломати“, велат од МНР.






Од Министерството посочуваат дека автентичното толкување на Законот е уставно заснована постапка, донесена од Собранието, како единствен орган со надлежност за толкување на законите.

„Министерството нема ниту овластување, ниту влијание врз овој процес. Го повикуваме Фатон Бејта од СДСМ да се потсети на предметот Уставно право, каде што ќе научи дека државата се темели врз начелото на поделба на власта“, се наведува во реакцијата.

Од МНР истакнуваат дека целта на постапката не е одземање на уставните надлежности на Претседателот, туку зајакнување на јавната отчетност.

„Амбасадорите што чесно и професионално ја извршувале својата функција немаат од што да се грижат. Но оние што амбасадите ги третираа како партиски трофеи – нивниот мандат завршува“, порачуваат од МНР.

Според нив, измените на Законот за надворешни работи кои неодамна беа усвоени, се доказ за сериозноста на намерите за градење на „модерна, отчетна и компетентна дипломатија – со амбасадори што ја претставуваат државата, а не партијата“.

Поврзани содржини