МНР ГИ ОТФРЛА ОБВИНУВАЊАТА НА ВМРО-ДПМНЕ Ресорното министерство побара со факти да биде докажано дека несоодветно бил применет Законот за јазиците
Со оглед дека настаните и прес-конференциите се јавна работа, ги повикуваме ВМРО–ДПМНЕ да ги поткрепат тврдењата со некаков доказ, запис или снимка; во спротивно, да покажат почит кон вредностите кои ги застапуваат и јавно да се извинат за непотребното создавање конфузија во јавноста на етничка основа“, побараа од МНР.
Министерството за надворешни работи во целост демантира дека несоодветно бил применет Законот за јазиците за време на средбите со министерот за надворешни работи на Шпанија Хозе Мануел Албарез Буено. Демантот е упатен до ВМРО-ДПМНЕ и портпаролката Марија Митева која побара министерот Бујар Османи да си даде оставка и кривично да одговара зашто „на меѓудржавна средба не го користи македонскиот јазик како официјален јазик на Република Македонија“.
„Имено, од официјалната средба на Османи со министерот за надворешни работи на Шпанија преку прес конференцијата јасно се гледа дека Османи единствено го употребува албанскиот јазик, иако е јасно кој е службен јазик на Македонија за меѓународна употреба утврден со Уставот. Ова однесување е кршење на Уставот на државата, но и на самиот Рамковен договор“, рече Митева.
Од МНР одговорија дека зачудува однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ која иако себеси се декларира како партија заштитник на конзеревативните вредности, за време на одбележувањето на Велигденските празници преку употреба на груби лаги и целосно измислени факти создава етнички тензии и поделби во општеството.
„Заради почитта кон нашите сограѓани, кои во овие денови очекуваат да добијат мир и спокојство за достоинствено да ги одбележат велигденските празници, Министерството за надворешни работи се воздржа од коментирање на непристојното однесување од страна на ВМРО – ДПМНЕ. Сепак, во интерес на вистината, дозволете во целост ги демантираме информациите за несоодветна примена на Законот за употреба на јазиците за време на средбите и/или прес конференцијата со Министерот за надворешни работи на Кралство Шпанија, Хозе Мануел Албарез Буено. Примената на Законот за јазици на сите настани што се организираат од страна на Министерството за надворешни работи, кои патем се чести, јавни, и многубројни, е секогаш соодветно имплементирана. На секој настан Министерот се обраќа пред домашната јавност на двата службени јазици дефинирани според Уставот и Законот за јазици, при што Министерството обезбедува превод, соодветно достапен за присутните медиуми, велат од МНР.
Оттаму напоменуваат дека употребата на службените јазици на Република Северна Македонија е материја која е регулирана со закон, каде прецизно е дефинирана употребата на службените јазици на земјава, и истата треба соодветно да се применува без притоа да биде предмет на политичка пресметка.
„Со оглед дека настаните и прес-конференциите се јавна работа, ги повикуваме ВМРО–ДПМНЕ да ги поткрепат тврдењата со некаков доказ, запис или снимка; во спротивно, да покажат почит кон вредностите кои ги застапуваат и јавно да се извинат за непотребното создавање конфузија во јавноста на етничка основа“, побараа од МНР.