МНОГУМИНА СЕ НАДЕВАА НА КРАЈ НА ПАНДЕМИЈАТА Омикрон сериозно ја загрози надежта тоа да се случи идната година

Земјите веќе ги менуваат претходните мерки во пандемијата: ограничувања за патување, задолжително носење маски, препораки против големи собири за божиќните празници.

724

Пред само неколку недели, експертите за заразни болести предвидоа дека земјите ќе почнат да ја сузбиваат пандемијата на коронавирус во 2022 година, откако ги надминаа серијата бранови на инфекции со алфа, бета, гама и делта, но новата варијанта на омикрон, која доби на интензитет во Европа и Соединетите Американски Држави, потенцијално ги загрозија тие прогнози.

Ковид-19 во овие области се очекуваше наскоро да се развие во ендемично заболување со повремени и благи сезонски епидемии. Вакцините, достапни во поголемиот дел од 2021 година само во богатите земји, би можеле да стигнат до најголемиот дел од светската популација до крајот на следната година.






Брзото ширење на омикрон ги поткопува надежите дека ковид-19 ќе стане ендемична болест

Но, брзото ширење на варијантата омикрон со голем број мутации, откриени кон крајот на ноември, ги поткопува тие надежи.

Земјите веќе ги менуваат претходните мерки во пандемијата: ограничувања за патување, задолжително носење маски, препораки против големи собири за божиќните празници.

– На луѓето им е преку глава од пандемијата и Бог знае дека и на мене исто, но ако не ги принудиме нашите водачи на акција, навистина мислам дека 2022 година ќе биде како она што го видовме во 2021 година – изјави за Ројтерс Ангела Расмусен, вирусолог во Организација за вакцини и заразни болести на Универзитетот во Саскачеван во Канада.

Луѓето ќе мора да се адаптираат на новите варијанти

Штом ковид-19 ќе стане ендемска болест, новите варијанти ќе предизвикаат нови епидемии и зголемување на инфекциите во годините што доаѓаат.

– Секогаш ќе има основен број на инфекции со ковид-19, хоспитализации и смртни случаи – рече Амеш Адаља, експерт за заразни болести во Центарот за здравствена безбедност во Џон Хопкинс.

– Многу луѓе не се помирија со тоа – додаде тој.

– Луѓето ќе мора да се адаптираат на новите варијанти. Ќе мора да признаете дека во одреден период ќе биде побезбедно да правите работи отколку во друг – вели Том Фриден, шеф на глобалната иницијатива „Resolve to Save Lives“ и поранешен директор на Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

Дури и ако имунитетот не е толку добар против омикрон, тоа не значи дека е незначителен

Некои научници сè уште се надеваат дека некои делови од светот ќе излезат од пандемијата во текот на следната година. Повеќе од 270 милиони луѓе се заразени со коронавирусот ширум светот, според Светската здравствена организација, додека приближно 57 отсто од светското население примило најмалку една доза од вакцината, потенцијална заштита што не беше достапна пред две години.

– Дури и ако тој имунитет не е толку добар против омикрон, тоа не значи дека е незначаен. И тој имунитет е поефикасен против посериозни болести отколку против инфекциите воопшто – вели Дејвид Дауди, епидемиолог од Универзитетот Џон Хопкинс.

Многу експерти веруваат дека примањето засилена доза ќе спречи повеќе хоспитализирања и смртни случаи.

– Сè уште имате многу ранливи луѓе (во епидемиологијата, ова се поединци изложени на ризик од инфекција), бидејќи тие сè уште не се вакцинирани – рече Селин Гаундер, специјалист за заразни болести на Универзитетот во Њујорк.

Животот со ковид-19 во следната година веројатно ќе вклучи локална процена на ризикот и заштита преку вакцинација, носење маски и социјална дистанца.

Поврзани содржини