МНОГУ РАБОТА, ОТВОРЕНОСТ И ТРАНСПАРЕНТНОСТ Јас сум човек што сака да помогне, вели Венко Филипче
Едноставно, ќе го работам многу повеќе, тоа што го работам и до сега, истакна Венко Филипче, кандидат за пратеник и носител на листата во изборната единица 4 на СДСМ и коалицијата.
Венко Филипче, поранешниот министер за здравство сега кандидат за пратеник и носител на листа на СДСМ и коалицијата во Изборната единица 4, истакнува дека е човек што помага и сака да помогне и дека на гласачите ќе им понуди многу работа, отвореност, транспарентност и отчетност.
-Ќе им понудам да бидам нивни вистински претставник во Парламентот, да ги застапувам нивните интереси. Едноставно, ќе го работам многу повеќе, тоа што го работам и до сега – истакна Венко Филипче во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на МТВ.
Тој во едночасовното интервју се осврна на начинот на кој планира да ја води кампањата, на проектите кои ќе ги промовира во јавноста следниот период и на тоа што од него може да очекуваат граѓаните.
– Јас сум човек кој што е отворен, кој што секогаш сака да помогне, да им се најде на луѓето. Вака работев за време на мандатот во Министерството за здравство, меѓутоа и пред мандатот. Едноставно сакам да пружам помош и сум спремен да пружам помош, било каде и било кога, и на било кој на којшто тоа му е потребно. Секако, најмногу во делот на мојата струка, понатаму во здравството, а и во другите сегменти таму каде што секако можам да помогнам – истакна Филипче.