ММФ е подготвен да им помогне на земјите во борбата против Ковид 19
Во пораката објавена на официјалната веб-страница на ММФ, Георгиева вели дека на Фондот му обратиле дополнителни 20 земји заинтересирани за финансирање на програми на кои глобалниот заемодавател ќе им одговори во наредните денови, пренесува „Ројтерс“.
Директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, денес објави дека Фондот е подготвен да го мобилизира својот кредитен капацитет од 1.000 милијарди американски долари за да им помогне на 189 држави членки во борбата против пандемијата од коронарнавирусот.
Во пораката објавена на официјалната веб-страница на ММФ, Георгиева вели дека на Фондот му обратиле дополнителни 20 земји заинтересирани за финансирање на програми на кои глобалниот заемодавател ќе им одговори во наредните денови, пренесува „Ројтерс“.
Таа ги повика државите да преземат дополнителен фискален стимул и да останат во блиска комуникација за да спречат коронавирусот да предизвика долгорочни економски штети.
– Како што се шири вирусот, потребата за координиран и синхронизиран глобален фискален стимул се зголемува од час во час – рече Георгиева.
Шефот на ММФ посочи дека може да биде потребна координирана фискална акција, како во времото на финансиската криза 2008-2009 година.
Таа прецизираше дека само во 2009 година, земјите од Г-20 одвоија околу 2% од нивниот БДП, или околу 900 милијарди американски долари во противвредност, на стимуланси, „затоа останува уште многу работа“.
Во врска со монетарната политика, Георгиева изјави дека централните банки „треба да продолжат да ја поддржуваат побарувачката и да ја зајакнат довербата со олеснување на финансиските услови и обезбедување на протокот на кредит кон реалната економија“, цитирајќи во овој контекст вонредна акција на Федералните резерви во недела.
Таа го поздрави отворањето на аранжманите за размена на доларите помеѓу најголемите централни банки, додавајќи дека ваквите замени можеби ќе треба да се прошират и на пазарите во развој.