Младината на СДСМ иницира студентскиот оброк да се купува секаде, не само во ресторани
Се предлага Министерството директно да врши исплата на средствата за користење на правото на субвенциониран студентски оброк на трансакциската сметка која корисникот ја има пријавено, првиот работен ден во месецот.
Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) поднесe Иницијатива за измена на Законот за субвенциониран студентски оброк до Собранието на Македонија.
– Со овие Законски измени нема да се ограничи користењето на правото на субвенциониран оброк само кај угостителски објекти, туку ќе се овозможи корисниците на субвенционирниот оброк да можат да го остварат правото секаде, кај секој трговец. Со тоа ќе се даде поголем избор на продукти на студентите, но и ќе се зголеми искористеноста на средствата со што ќе се амортизираат и последиците од кризата со која се соочуваме – рече денеска на прес конференција Никола Јакимовски, потпретседател на СДММ.
Се предлага Министерството директно да врши исплата на средствата за користење на правото на субвенциониран студентски оброк на трансакциската сметка која корисникот ја има пријавено, првиот работен ден во месецот во износ еднаков на бројот на субвенционирани оброци, на кои студентот има право месечно. Износот на еден субвенциониран оброк е 120 денари.
Тој потсети дека поради пандемијата и рестриктивните мерки, студентите не се во можност да посетуваат угостителски објекти каде би го оствариле правото на здрав субвенциониран оброк.
– Исто така најголем број од студентите наставата ја следат онлајн, од своето место на живеење каде што бројот на угостителски објекти кои нудат студентски оброк се ограничени или воопшто не постои објект кој би можел да понуди студентски оброк во согласност со иницијално замислената идеја на Законот – додаде Јакимовски.