МИСТЕРИОЗНА НАСЕЛБА ОТКРИЕНА НА ДНОТО НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО Опколена е со 100.000 одбранбени шилци!
Експертите открија докази кои укажуваат дека населбата била опколена со илјадници шилести колци кои се користеле како одбранбена барикада. За да се заштитат вака, морале да ја исечат шумата – вели швајцарскиот археололг Хафнер.
Тим од швајцарски и албански археолози неодамна открија подводна населба во водите на Охридското Езеро од албанска страна, кое би можело да припаѓа на една од најраните постојани живеалишта во Европа, пишува хрватскиот портал Индекс.хр.
Меѓутоа, се појави мистерија – жителите на таа населба се заштитиле со „тврдина“ од одбранбени шилци, а на археолозите сè уште не им е јасно зошто, пишува порталот.
Населбата со куќи на потпорни колци се наоѓа на дел од албанскиот брег на езерото уште пред 8.000 години, а археолозите веруваат дека тоа е најстарото село пронајдено досега на брегот на некое езеро во Европа.
– Оваа населба е неколку стотици години постара од досега познатите езерски населби во медитеранските и алпските региони. Според нашите сознанија, таа е најстара во Европа – изјави за AФП археологот Алберт Хафнер од швајцарскиот универзитет во Берн.
Хафнер и неговиот тим од швајцарски и албански археолози ги поминаа последните четири години ископувајќи во Лин на албанската страна на Охридското Езеро. Тие веруваат дека во античката населба живееле меѓу 200 и 500 луѓе и дека граделе куќи на потпорни столбови над површината на самото езеро или во области кои редовно се поплавуваат.
– За време на неодамнешното нуркање, експертите открија докази кои укажуваат дека населбата била зајакната со илјадници шилести колци кои се користеле како одбранбена барикада. За да се заштитат вака, морале да ја исечат шумата – рече Хафнер.
Имено, приближно 100.000 шилци се пронајдени на местото на дното на езерото. Зошто древните селани изградиле толку обемна одбранбена структура? Археолозите сè уште не го знаат одговорот на ова прашање.
Охридското Езеро е едно од најстарите езера во светот и постои повеќе од милион години. Античките жители на областа веројатно се занимавале со земјоделство и сточарство.
– Најдовме различни семиња, растенија и коски од диви и домашни животни – вели албанскиот археолог Илир Ѓепали.